Разговор за Анархокомунизмот помеѓу двајца работници

 Ерико Малатеста

 


Вилијам: А, Џек, ти ли си?  Мило ми е што те запознав. Сакав да разговарам со тебе одамна. О, Џек! Џек! Што сé слушнав за тебе! Кога живееше на село беше добро момче, доста добар пример за младите момчиња на твоја возраст – Само твојот кутар татко да беше жив…


Џек: Вилијам? Зашто ми го зборуваш ова? Што сум сторил за да ми префрлаш вака? И зашто мојот кутар татко би бил незадоволен со мене?


Вилијам: Нека не те навредуваат моите зборови, Џек. Јас сум стар човек и зборувам за твое добро. И впрочем, јас бев добар пријател со стариот Ендру, твојот татко, поради што сум многу насекиран да те гледам како одиш по погрешен пат, исто како да си мој син, посебно кога ќе помислам на надежите што твојот татко ги имаше и сите жртви што ги направи за да ти остави добро име.


Џек:  Но Вилијам, што зборуваш? Зарем не си ја работам работата чесно? Никогаш не сум повредил никого,  и извини, но секогаш сум правел добро колку што сум можел, па зашто татко ми би се срамел од мене? Давам сé од себе за да научам и да напредувам, и јас и моите другари се трудиме да најдеме лек за злото кое не мачи сите нас; со што тогаш заслужив да ме нападнеш вака?


Вилијам: А, ова беше доволно! Доволно добро знам дека работиш и дека им помагаш на твоите соседи. Ти си добар другар; сите во околината го зборат тоа за тебе. Но не е ни помалку точно дека си бил неколку пати во затвор, и луѓето зборат дека си набљудуван од полицијата, и дека само човек да се види со тебе е доволно за да западне во неволја. Може ги правам работите да звучат конфузно во моментов, но ти посакувам добро и ќе ти го кажам истото. Џек, послушај го советот на еден старец; верувај ми дека е најдобро да ја оставиш политиката на господата кои немаат што да прават и да се обврзеш со работа и правење на тоа што е правилно. Тоа е начин да живееш мирно и среќно; во спротивно целосно ќе се изгубиш. Слушај ме и откажи се од твоето лошо здружение; зошто, како што знаат сите, е пат кој ги води бедните во погрешна насока.


Џек: Верувај ми, Вилијам, моите придружници се првокласни другари; лебот што го јадат е натопен во нивната пот, а понекогаш и во нивните солзи. Остави го авторитетот да зборува лошо за нив. Тоа се луѓе кои би сакале да ја исцицаат последната капка од нашата крв, а после тоа да не третираат како ништожници и робијаши, ако се обидеме да се надминеме самите себе си и да избегаме од нивната тиранија. Моите придружници и јас сме биле затворени, да, вистина е, но тоа беше за добра причина; ќе одиме пак и најверојатно нешто полошо ќе не снајде, но ќе биде за доброто на сите и поради тоа што сакаме да ја уништиме неправдата и мизеријата.  Вие што се мачевте цел живот,  и патевте како нас од глад – вие кои веројатно ќе умрете во работилница кога нема  да можете повеќе да се измачувате – Вие, бар, не треба да се ставате себе си на страната на благородниците и владата и да потпаднете под влијание на тие кои сакаат да го зголемат бројот на сиромашни.


Вилијам: Мое драго момче, знам дека светот се развива многу лошо, но да се обидеш да го смениш е како да се обидеш да ги исправиш нозете на кривоного куче. Така да, подобро да ги прифатиме работите такви какви што се и да му се молиме на Господ дека барем ние никогаш нема да  бидеме во недостиг на корка леб. Секогаш имало богати и сиромаси, и ние, работничката класа, сме приморани да работиме и да бидеме задоволни со тоа што Бог ни го праќа, зошто во спротивно би го нарушиле јавниот мир и би си го оштетиле нашиот сопствен карактер.


Џек: Нашиот карактер!? Погледни ги сиве овие благородници, како што ги нарекувате. Како прво, ни земаат сé што имаме и не тераат да се се измачуваме како товарен добиток за да заработиме корка леб додека тие живеат луксузен живот и безделничат на потта од нашите веѓи, и тогаш, ако не се покориме, ако не ги гледаме радосно како дебелеат на наша сметка, велат дека сме лоша, нечесна маса, па полицаецот доаѓа и не влече во затвор, додека свештеникот не праќа во пеколот. Ќе ти кажам нешто, Вилијам, вистинските никаквеци и лоши карактери се тие кои живеат со обесправување, тие кои ја земаа целата сопственост „под сонцето“ и тие кои ги срамнуваат со земја работниците како да се стадо овци, дозволувајќи си на самите себе си тивко да ги масакрираат. И ти, ти кој никогаш не си ја исцицал душата од твојот другар застануваш на страната на луѓето кои прават такви работи, дали ни вртиш грб на нам? Не ли е доволно тоа што ја имаат владата да ги поткрепува? Владата е направена од богатите, за благодетите на богатите и затоа е судена да биде на нивна страна, но мора ли работниците, нашите сопствени браќа да се вртат против нас поради тоа што сакаме да имаат леб и слобода? А? Само ако не ги паметев сите долги години на мизерија и ропство и деградирани навики кои бедните ги страдаа, јас би кажал дека најлошите луѓе, тие кои имаат најмалку од достоинството на еден човек се сиромасите кои дозволуваат да бидат алатка на угнетувачите на човештвото. Што се однесува до нас, ние барем го ризикуваме лепчето и парчето слобода што го имаме за да можеме да дојдеме до состојба во која сите ние би биле среќни.


Вилијам: Па... Сето тоа звучи супер, но знаеш, другар, дека без стравот од Бога ниту едно добро нешто не е возможно и сите ние мораме да се покоруваме на Неговата волја.


Џек: Сега, Вилијам, ако планираме да говориме разумно, тогаш да го оставиме Господ надвор од дискусијата, зошто името на Бога се користи како изговор и оправдување од сите тие кои се обидуваат да ги измамат и обесправат другарите. Кралевите се преправаат дека Господ им дал право да владеат, и кога два крала се расправаат за круната на една држава, двајцата се преправаат дека ги вршат наредбите на Бога. Сепак Господ ја доделува победата на оној кој има најмногу војници или најдобро вооружување. Поседниците, експлоататорите, монополистите... Сите говорат за Бог. Католичкиот поп, протестантскиот, еврејскиот, турскиот, сите на сличен начин се нарекуваат себе си претставници на Господ и во името на Бог започнуваат војни меѓу себе, додека секој од нив се обидува да си донесе зрно во својата воденица. Очигледно сите мислат дека Господ им дал сé на нив и нè осудил нас останатите на мизерија и огромно измачување. Тие ќе имаат Рај на овој свет, а исто така и на наредниот, но ние ќе имаме Пекол во овој, и Рај во наредниот само ако сме покорни робови. Сега ти доаѓаш и ми кажуваш дека Господ навистина го посакувал тоа, и со оглед на работите, можам да кажам дека тој е тогаш многу злобен. Нека веруваат сите дека тој е прав, но кога дискутираме за состојбата на работите во светот, подобро да се придржуваме до работите за кои знаеме нешто и да видиме дали е возможно да имаме малку среќа во овој живот, ние и нашите другари; бидејќи, знаеш, и самиот поп вели дека сите луѓе се деца на Господ, па затоа се и браќа.


Вилијам: Слушај ми го зборот, младичу. Во градот си читал и пишувал толку многу работи така што со твојот начин на зборење би збунил и адвокат, но кажи ми, дали е вистина, како што велат, дека сакаш да го украдеш целиот имот од тие што го имаат?


Џек: Супер! Конечно стигнавме до поентата. Не, тоа не е вистина, ние ништо не сакаме да крадеме. Тоа што сакаме е луѓето да го земат имотот од богатите и да го направат заеднички, во корист на сите.  Тоа не би било крадење, луѓето едноставно повторно би го земале тоа што е нивно.


Вилијам: Што? Дали сакаш да кажеш дека имотот на благородницине е наш?


Џек: Секако, тоа е наш имот. Тоа е сечиј имот. Кој им го дал правото на тие луѓе? Како го заслужиле? Кој им дава за право да го грабнат и да си го присвојат за себе?


Вилијам: Но нивните предци им го оставиле на нив.


Џек: А кој им го дал нив? Значи вака: најсилните и најсреќните ја искористиле предноста на нивната сила, или среќа, за да добијат сопственост врз сé и со тоа ги присилуваат другите да работат за нив. Сепак, незадоволни со своето безделнично живеење,  угнетувајќи и прегладнувајќи го поголемиот дел од луѓето, тие мораат да им го остават богатството кое тие си го присвоиле на своите синови и внуци, на тој начин осудувајќи ги наредните генерации да бидат робови на своите наследници. Иако сега нивните наследници станаа толку истоштени од нивната мрзливост и долгото применување на моќ што тие никогаш денес нема да можат да направат тоа што го направиле нивните предци многу одамна. Но дали сето ова ти звучи правилно?


Вилијам: Па, не. Не ако тие го добиле богатството со сила. Но благородниците викаат дека тие го добиле богатството со труд и не ми делува фер да одземаш од човек нешто за кое што тој работел.


Џек: Секогаш истата, стара приказна! Луѓе кои не работат и никогаш не работеле секогаш зборуваат во името на трудот! Но кажи ми, кој ја направил Земјата, металите, јагленот, каменот и слично? Неговиот труд? Или како работите почнале да постојат? Зарем не е факт дека сите ние ги наоѓаме тие работи кога доаѓаме на светов така што сите би требало да можеме да ги користиме?  Што би кажал ако богатите го присвојат воздухот за нивна употреба, а нам ни дадат само малку од најнечистиот, терајќи не да им плаќаме за користењето? Единствената разлика помеѓу земјата и воздухот се состои во тоа што им беше овозможено да ја придобијат и поделат Земјата, не можејќи да го сторат истото со воздухот, но верувај ми, ако беше возможно, ќе го стореа и тоа.


Вилијам: Вистина. Тоа е доста точно. Земјата и сето тоа што ни еден човек не го креирал треба да им припаѓа на сите. Но постојат работи кои не настанале самите по себе.


Џек: Секако, има работи кои се креирани од човекот. И самата земја би вредела многу помалку кога не би била исчистена од човековата рака. Но во општата правдина овие работи треба да припаѓаат на луѓето кои нив ги изработуваат. Тогаш по кое чудо се случило да бидат во сопственост на тие луѓе кои немаат никаква врска со тоа?


Вилијам: Но благородниците тврдат дека нивните татковци работеле и направиле заштеда.


Џек: Баш напротив, треба да кажат дека нивните татковци не правеле ништо и дека го искористиле трудот на другите, слично како што се прави денес. Историјата нè учи дека многу работници постојано биле мизерни и дека тие што чесно работеле, тие кои не ги злоупотребувале нивните соседи, никогаш немале можност да стават на страна значајни заштеди. Всушност, тој не би можел да има доволно ресурси за да ги тргне  на страна од неговите потреби. Погледни што се случува пред твоите очи. Зарем не оди сé што произведуваат работниците во рацете на нивните господари? Човек троши неколку фунти на необработен дел од мучурливи земјишта, поставува неколку луѓе таму да работат плаќајќи им одвај за да преживеат, додека тој седи тивко во градот и не прави ништо. Неколку години покасно, ова мало парче земја е градина со сто пати поголема вредност од оригиналната. Децата на сопственикот ќе го наследат неговото богатство и ќе кажат дека уживаат во плодовите на трудот на нивните татковци додека децата на луѓето кои вистински се мачеле и трпеле таму ќе продолжат да трпат и да се мачат. Што мислиш ти за тоа?


Вилијам:  Но ако, како што велиш, светот навистина бил од секогаш ваков, тогаш нема што да се стори и вработените не можат да помогнат во тоа.


Џек: Вака, јас сум спремен да објаснам сé во врска со благородништвото. Да претпоставиме дека поседниците на имотите се деца на луѓе кои работеле и штеделе и дека работниците се деца на безделнички трошаџии. Ова е очигледно глупаво, нели, но дури и работите да се навистина така, дали би имало некаква правдина во денешната социјална организација? Ако ти работиш, а јас сум мрзлив, правилно е да бидам казнет за мојата мрзливост, но тоа не  значи дека треба моите синови, кои можеби ќе бидат чесни и работливи луѓе, да бидат измачени до смрт и прегладнети за да ги одржуваат твоите деца во изобилие и неработење.


Вилијам: Сето тоа е супер, и јас не го кажувам спротивното, но благородниците го имаат имотот и кога сé ќе биде кажано и завршено, ние сепак ќе мораме да бидеме благодарни на нив, бидеќи да не би биле тие луѓе не би можеле да преживеат.


Џек: Ако имаат тие богатство тоа е поради тоа што тие го земале со сила и го зголемиле со крадење на плодовите на трудот на други луѓе. Но тие може да имаат шанса да го изгубат на истиот начин на кој го добиле. Сé до сега, луѓето се бореле меѓу себе; тие се обидувале да го зграпчат лебот од туѓа уста, и сите би биле задоволни ако успеат да го потчинат својот пријател и да го искористат како товарен добиток. Но дојде време да се стави крај на овие работи. Не добиваме ништо со тоа што војуваме меѓу себе! Единствената жетва која што сме ја обрале е бедата, ропството, криминалот и проституцијата, и сега тие крвопролевачи започнуваат војни и револуции.  На место тоа можевме да дојдеме до заеднички договор и љубов и да си помагаме едни на други. Не треба да постои веќе вакво зло, веќе не треба да има луѓе со повеќе и луѓе без ништо. И сите ние треба да се трудиме да ги направиме сите луѓе со еднакви можности. Се разбира дека знам дека богатите, кои се навикнати да владеат и да живеат без работа нема да сакаат промена во системот, но затоа сите ние ќе работиме согласно. Колку повеќе ќе сфатат дека не треба веќе да има омраза и нееднаквост помеѓу луѓето и дека сите ние мора да работиме, толку подобро, во спротивно, колку повеќе продолжуваат да уживаат во плодовите кои ги добиле со насилство и кражба предизвикана, како од нивните татковци, така и од самите себе, толку полошо за нив: тие го придобиле тоа што го имаат со сила, и со сила ќе им биде одземено. Ако сиромашните добијат сознанија, тие ќе бидат посилни од богатите.


Вилијам: А како би живееле кога би ги немало благородниците?


Џек: Какво прашање! Зарем не гледаш што ти се случува секој ден? Дека ти си тој кој копа, ора, сее, жнее, тој што го дроби житото, тој кој го храни добитокот, кој го прави путерот и сирењето, и сепак ме прашуваш како би живееле без благородниците. Подобро прашај ме како господата ќе преживеат без нас – кутрите, будали работници во градовите и селата, кои робуваат за да ги нахранат и облечат. Еден момент претходно сакаше ние да им бидеме благодарни на работодавците бидејќи тие ни овозможуваат живот. Не ли разбираш дека тие се тие кои живеат заради твојата работа и дека секое најмало парче леб што го јадат е земено од твоите деца, секој фин подарок кој им го даваат на своите жени претставува беда, глад, студ, па дури и проституција на твоите? Што произведуваат благородниците? Ништо! Така да, тоа што го трошат е земено од работниците. Претпостави дека сите земјоделски работници исчезнуваат утре. Тогаш нема да има кој да ја копа земјата и сите ќе бидат прегладнети. Ако чевларите исчезнат, ќе нема повеќе чевли, ако слободните ѕидари исчезнат, ќе нема кој да ги гради куќите, итн. Ако сите класи на работници пропаднеа, една по друга, со секоја класа, по една гранка од продукцијата ќе исчезнуваше и луѓето ќе мораа да живаат без некои неопходни работи. Но какво оштетување би добиле кога би се ослободиле од благородниците? Би било како да исчезнат скакулците.


Вилијам: Да, навистина ние произведуваме сé. Но како јас, на пример, би одгледувал жито кога не би имал земја, стока, или семе? Сигурен сум дека не можеме ништо друго да направиме освен да се потпреме на работодавците.


Џек: Ајде сега Вилијам, дали се разбираме меѓу себе, или не? Ти кажав веќе што е потребно да се земе од господарите, што е тоа што ќе ни овозможи да работиме, живееме, обработуваме, сееме и слично. Многу добро знам дека сé додека земјата и инструментите за работа припаѓаат на господарите, работниците ќе мораат секогаш да бидат во нивна зависност и нема да добиваат ништо освен ропство и беда. Ова е основна причина поради која прво нешто што треба да се направи е да се земе имотот од средната класа. Без тоа светот никогаш нема да се подобри.


Вилијам:  Во право си, го кажа тоа. Но сето ова е толку ново што доста се губам. Ајде сега објасни како би го сторил тоа. Што би се сторило со имотот кој ќе биде одзеден од богатите? Ќе биде поделен, претпоставувам.


Џек: Не, не, ништо од тој тип. Ако слушнеш од некој дека ние сакаме да го поделиме имотот и да го земеме местото на тие што го имаат сега ќе можеш да заклучиш дека тој или е измамник, или не знае што зборува.


Вилијам: Тогаш не сфаќам ништо.


Џек: А сепак, толку е јасно. Ние едноставно сакаме сé да биде заедничко. Тргаме со принципот дека секој треба да работи и секој треба биде што е возможно по задоволен. Човек не може да живее во светов без работа, ако тој не работи, тој ќе мора да го користи трудот на други, што е неправедно и болно. Но мора да разбереш дека кога велам дека сите мораат да работат сакам да кажам дека сите што можат да работат треба да работат. Односно сакатите, инвалидите и старите луѓе мора да бидат поддржани од општеството, бидејќи човечките чувства ни забрануваат да дозволиме некој да страда, а покрај тоа, сите ние ќе остареме, и сите ние сме подложни на тоа да станеме сакати, или болни во било кое време, а исто така и тие кои ни се нам драги. Ако го размислиш сето ова внимателно, ќе согледаш дека целото богатство, под што се подразбираат сите работи кои на човек му се корисни, може да се подели на два вида. Во првиот вид спаѓа она богатство кое ги опфаќа земјата, машинеријата и сите инструменти за работа: железото, дрвото, каменот, транспортните средства, итн, итн, итн кое е апсолутно неопходно и кое ни овозможува работа. Тоа мора да биде заедничко за сите да можат да работат со него. А за методот на работа, верувам дека би било најдобро да работиме заедно, бидејќи на тој начин ќе се произведува со помалку замор. Патем, кога човечките суштества веќе нема да имаат потреба да го зграпчат лебот од устата на некој друг, тие веќе нема да се однесуваат како мачки и кучиња, туку би биле задоволни со тоа што ќе бидат сите заедно. Се разбира, тие кои ќе одберат да работат сами ќе бидат оставени да го прават тоа, бидејќи основната поента е никој да не живее без да работи, со што ќе тера да работат други за него. Но се разбира дека тоа нема да се случи бидејќи сите ќе имаат достапни материјали за работа и се разбира дека нема да одберат да бидат слуги на некој друг. Другиот тип на богатство ги опфаќа работите кои директно му служат на потребите на човекот, како храна, облека и куќи. Јас мислам дека тие треба да бидат ставени во заедничка употреба и дека треба да бидат дистрибуирани на тој начин што луѓето ќе можат да ги користат сé додека индустријата не достави нови продукти. А за работите кои ќе бидат произведувани после Револуцијата, кога нема да има мрзливи работодавци кои ќе живеат на маката на прегладнетите пролетери, работниците од секоја држава ќе ги споделуваат како што ќе одлучат. Ќе биде најдобро сите да работат заедно и да направат сé заедничко, во тој случај тие ќе се обидат да го регулираат производството на таков начин со кој би ги задоволиле потребите на сите, и потрошувачката на таков начин на кој би обезбедиле благосостојба на сите. Ако не сакаат да функционира на овој начин тие ќе мора да пресметуваат колку секој произведува за да му се дава еквивалентно количество на добра кои тој ги произведува. Оваа пресметка е повеќе од тешка, и јас лично сметам дека е невозможна, така што кога би ги согледале тешкотиите на пропорционалната дистрибуција, резултатот најверојатно би бил прифаќање на идејата за тоа сé да биде заедничко. Но како и да е, најнеопходните работи, како леб, живеалишта, вода и слично мораат да бидат обезбедени за секого, без разлика колку тој работи. Каква и организација да е прифатена, наследства не треба повеќе да постојат, бидејќи не е праведно еден да се роди во богатство, а друг во глад и мака. Дури и ако прифатиме дека секој е апсолутен господар на сето тоа што го произведува и штеди, сите заштеди треба да се вратат на општеството по неговата смрт. Децата треба да се доведат до едуцирање по било која цена на таков начин што ќе дојде до нивен максимален развиток и достижно едуцирање.  Без тоа нема да има ни правда ни еднаквост, принципот за правото на секој да ги користи инструментите за работа ќе биде нарушен, бидејќи во него не се подразбира давање земја и машини ако од нив не се искорени максимална употреба. Не кажувам ништо специјално за жените, бидејќи сметаме дека жените треба да бидат еднакви на мажите и кога велиме „mаn“(маж, човек)  се однесува на сите човечки суштества без разграничување на половите.


Вилијам: Има само една битна работа: да го земеш богатството од богатите кои ги ограбувале и краделе сиромашните е добро, но ако човек со тешка работа и штедење собрал пари да направи мала нива, или да отвори мала продавница, со кое право вие му го одземате она кое е навистина плод на неговиот труд?


Џек: Тоа не е баш чест случај во денешниве денови кога капиталистите и владата произведуваат најголем дел од продуктите,  освен тоа, ти кажав дека секој човек треба да има право на суровини и инструменти за работа и ,поради тоа, ако човек има мало парче земја кое тој го обработува со сопствените раце, тој може и да го задржи тоа, а покрај тоа ќе му бидат дадени и најдобрите алатки и ѓубрива и сé друго што му е потребно за најголемо производство. Несомнено најдобро би било сé да биде заедничко, но нема да има потреба да се форсираат луѓето да го направат тоа бидејќи еднаквиот интерес несомнено ќе ги натера сите да се прилагодат на комунистички систем. Работите ќе се одвиваат подобро со заеднички имот и работа, и многу веројатно ќе има повеќе работи кои се поприкладни во заедничко користење.


Вилијам: Машинерија! Машините се тие кои мораме да ги уништиме! Машините се тие кои ни ги кршат рацете и ни го земаат лебот. Тука, на село, уште веднаш од кога ќе донесат машина, можеме да претпоставиме дека ќе ни падне платата и најверојатно некој од нас ќе ја изгуби работата со што ќе мора да оди на друго место. Мора да е уште полошо во градовите. Доколку немаше машини, благородниците ќе сакаа повеќе од нашата работа и ние ќе живеевме малце поубаво.


Џек: Не грешиш, Вилијам, кога мислиш дека машините доведуваат до беда и губење на работа; но тоа се случува бидејќи им припаѓаат на богатите. Кога би им припаѓале на работниците, би било баш спротивно. Тие би биле основна причина за човечкиот комфорт. На крајот на краиштата, машините само работат место нас и го прават тоа побрзо. Благодарение на машините луѓето нема да бидат задолжени да се измачуваат со саати за да си ги задоволат своите потреби, нема да бидат осудени на мачно напрегање надминувајќи ја нивната физичка сила. Заради ова, ако машинеријата се примени во сите гранки на производство и припаѓа на сите, неколку часови на лесна работа би ги задоволила сите потреби за потрошувачка и секој работник би имал време за добивање на нови сознанија и одржување пријателски односи, со еден збор, да го живее и ужива животот, добивајќи ги сите освојувања на науката и цивилизацијата. Запомни дека ние треба да ги придобиеме машините, а не да ги уништиме. Можеш да бидеш сигурен дека сопствениците ќе дадат сé од себе за да ги заштитат машините од тие кои сакаат да ги уништат, исто како и од тие кои сакаат да ги добијат; така што, бидејќи е потребен ист труд и ризик за да се направи една од овие две работи, искрено, би било глупаво да се уништат наместо да се земат. Дали би уништил жито и куќи кога истите би можеле да бидат споделени со сите нас? Се разбира дека не! Е, па, мораме да го сториме истото со машините, бидејќи, ако во рацете на работодавците тие се инструменти за беда и ропство, во нашите раце ќе станат инструменти за богатство и слобода.


Вилијам: Но за работите да се одвиваат како што треба во таков систем, сите треба да сакаат да работат.


Џек: Се разбира.


Вилијам: И претпостави дека има некои луѓе кои би сакале да живеат без да работат. Никој не сака тешка работа, дури ни кучињата.


Џек: Ти ги мешаш општеството денес со општеството по Револуцијата. Велиш дека ни кучињата не уживаат во мачна работа, но можеш да седиш цел ден без да правиш ништо.


Вилијам: Јас? Не! Бидејќи сум навикнат да работам. Кога немам што да правам моите раце копнеат да прават нешто, но има луѓе кои би седеле цел ден во крчмата играјќи карти, или би шетале наоколу бесцелно со рацете во нивните џебови.


Џек: Сега, но не и после Револуцијата, а ќе ти кажам и зошто. Сегашнава работа е неприфатлива, слабо платена и доминантна врз сите. Денес работниците или се измачуваат самите себе си до смрт, или се скапени од глад, додека се третирани како товарен добиток. Работникот нема надеж, тој знае дека шансата неговите денови да завршат во работилницата се десет спрема еден. Тој не може да ја чува фамилијата како што треба и има страшно малку уживање во животот, додека и понатаму трпи малтретирање и понижување. Од друга страна, човекот кој не работи ужива во секој можен начин, тој е почитуван, на него се угледуваат и сите луѓе и сите потреби и задоволства се на негова услуга. Дури и кај работниците, тие што работат најмалку и чија работа е најпријатна заработуваат најмногу и се сметаат за подобри од другите. Дали би се зачудил кога би ти кажале дека на тие луѓе им е згадено од работа и дека се алчни да зграпчат можност да не прават ништо? Нормално дека не. Но кога работата е извршена под услови прифатливи за луѓето, за пристојно време и во рамките на законите на здравјето, кога работникот знае дека работи за доброто на својата фамилија и сите луѓе, кога сите што сакаат да бидат почитувани мораат да работат, а мрзливите се исто толку омразени колку што денес се шпиуните и подведувачите, тогаш кој ќе сака да ја одрекува убавината во тоа да бидеш корисен и сакан? Кој би сакал да живее во безделничење катастрофално за своето тело и ум?  Дури и денес, сите, освен некои ретки исклучоци, инстиктивно ја презираат идејата да бидат шпиуни, или подведувачи. И сепак со овие грозни занимања се добива повеќе отколку со копање на земјата. Но, бидејќи овие занимања се сметаат за грозни, скоро сите сакаат беда за нечесните кои ги практикуваат. Има исклучоци, има слаби, деградирани суштества кои преферираат зло, но тоа е така бидејќи нивниот избор лежи помеѓу злогласноста и бедата. Но кој би сакал да одбере нечесен и срамен живот, кога со работа би можел да обезбеди удобност и јавна почит? Се разбира, таков човек би бил луд. И несомнено, ваквиот јавен неморал на безделништво ќе се издигне и самиот ќе се почувствува, бидејќи работата е есенцијално потребна на општеството. Луѓе кои безделничат не само што ќе им сметаат на сите со тоа што живеат на она што другите го произведуваат без да придонесуваат било што за потребите на заедницата, но исто така ќе ја кршат хармонијата на новиот ред на работите и ќе станат елементи на незадоволната партија, кои е возможно да посакуваат враќање кон минатото. Колективните тела се како индивидуи. Тие сакаат и се восхитуваат на тоа што го мислат или користат и мразат, и презираат она што знаат или веруваат дека е штетно или навредливо. Тие можат да бидат измамени и многу често и се. Но во овој случај ниту една грешка не е возможна, бидејќи е јасно како ден дека човек кој не работи, јаде и пие на сметка на други и им смета на сите.  Еве, да претпоставиме дека се приклучуваш на партија во која сите заедно ќе работите и ќе ги споделувате работите кои ги произведувате; се разбира дека ти ќе бидеш внимателен кон сите соработници кои се слаби или неискусни, но зарем тие кои забушаваат нема да водат таков живот во кој самите ќе се исклучат, или ќе се наклонат кон тоа да работат? Тоа и ќе се случи во заедницата, и навистина, мрзливоста на некои од членовите се заканува да стане вистинска опасност. Ако ние не можеме да одиме напред поради тие кои нема да работат, што на мене ми делува многу неверојатно да се случи, лекот ќе биде, после сé, не многу тежок да се најде – тие ќе бидат едноставно отфрлени од заедницата. Тогаш, кога ќе немаат право на ништо друго освен суровите материјали и инструментите за работа, тие ќе бидат приморани да работат, ако сакаат да преживеат.


Вилијам: Почнуваш да ме убедуваш. Но кажи ми, дали сите ќе мора да работат на полињата?


Џек: Зошто? На луѓето не им е потребно само леб, пиво и месо. Ние сакаме куќи, облеки и книги, и сите работи кои еден работник ги произведува. Никој не може сам по себе да си ги задоволи сите потреби. Дури и да се ора земјиштето, зарем не ни е потребна помошта од ковачот и произведителот на орудието, а оттука и рударот кој го копа железото, градежникот кој ги гради куќите и  продавниците, и така натака. Па според тоа, не треба сите да ја обработуваат земјата, туку сите треба да вршат некоја корисна работа. Впрочем, различните занимања ќе им овозможат на сите луѓе да можат да одберат што најдобро им прилега, и според тоа, работата нема да биде ништо повеќе од една обична вежба, едно фанатично, посакувано уживање.


Вилијам: Тогаш сите ќе можат да го одберат занимањето што го сакаат?


Џек: Се разбира. Само што мора да внимаваме некои занимања да не бидат пренатрупани, додека на други им е потребна работна рака. Бидејќи ќе работиме за заедничкиот интерес, ќе мора да се распоредат работите така да се произведува сé што е навистина неопходно додека индивидуалните привилегии се земаат во предвид. Но ќе видиш дека сé ќе се среди кога ќе немаме господари кои ќе не тераат да се измачуваме за една корка леб, незнаејќи која е целта или користта од таа работа.


Вилијам:  Ти викаш дека сé ќе се среди, но јас не гледам така. Јас сметам дека никој нема да врши непријатна работа, односно сите ќе бидат адвокати и доктори. Кој ќе работи на полињата? Кој ќе си го жртвува животот и здравјето во рудникот? Кој ќе се симнува во црните шахти на одводот, или ќе ни ја чисти депонијата?


Џек: А... можеш слободно да ги исфрлиш адвокатите. Адвокатите и свештениците се тип на гангрена во општеството кои револуцијата ќе ги исчисти. Ајде да зборуваме за корисна работа, а не за занимања кои функционираат преку трошокот на други луѓе, во спротивно би можеле и крадецот да го сметаме за работник бидејќи често неговата работа е напорна. Денес се одредуваме за одреден занает не поради тоа што повеќе, или помалку се софпаѓа со нашиот вкус и дарба, туку поради тоа што е полесен за учење, бидејќи заработуваме, или се надеваме да заработуваме повеќе со него, или поради тоа што сметаме дека така би имале најголема шанса да бидеме вработени. На второ место го ставаме тоа да одлучиме дали таа работа е поприфатлива од друга. Најчесто, изборот на занимање ни е наметнат со нашето раѓање, по случаен избор и со социјална предрасуда. Работата на аграрниот работник, на пример, нема да го задоволи ни најсиромашниот граѓанин. А сепак нема ништо одбивно во земјоделството и, исто така, во него има одредени задоволства. Баш спротивно, ако ги читате поетите ќе угледате дека се ентузијастично настроени кон селскиот живот. Но, вистината е дека поетите кои ги пишуваат книгите многу ретко ја обработувале почвата, додека на фармата работниците постојано работеле и биле полуизгладнети, живееле полошо од стоката и биле сметани за никој и ништо, а сепак и најсиромашниот клетник во градот тешко дека би ги заменил местата со некој од нив. И после тоа, како очекуваш некој да сака да биде земјоделец? Дури и ние, кои сме родени на село си одиме најбрзо што можеме, бидејќи што и да правиме нам би ни било подобро на друго место. Но колку од нас би сакале да си заминат кога би работеле на наша сметка и кога би можеле да најдеме удобност, слобода и почит во нашата работа? Исто е во сите занаети, бидејќи како што стојат работите сега, колку е потешка и понеопходна работата, толку е полошо платена, поомразена и условите за работа се понечовечки. Еве, на пример, оди во работилница за злато и ќе видиш дека, во споредба со дупките во кои живееме, местото е чисто, топло и добро вентилирано, дека работните часови не се многу долги и иако луѓето се малку платени за работодавците да земаат најголем дел од производството, сепак се на многу повисоко ниво во споредба со другите работници. Тие можат да се занимаваат во вечерните часови. Кога им завршува работниот час, можат да одат каде сакаат, без страв да не бидат исмејувани, или зјапани. Но ако одите во работилница за производство на прибор за јадење, да речеме, ќе видите сиромашни другари кои острат ножеви за мизерна плата во отровна атмосфера која ќе ги уништи за неколку години, и ако после нивната работа си дозволат да излезат каде што се благородниците, би биле среќни кога не би биле присилени да се чувствуваат глупаво. Не би било изненадувачки кога под такви услови човек би преферирал да обработува злато на место прибор. Да не зборуваме за работниците кои не користат никаква друга алатка освен пенкалото. Само замисли: човек кој пишува лоши статии во весниците заработува десет пати повеќе од фармерите. Исто така, тој се смета за многу подобар од самите работници. Кога новинарите, инженерите, докторите, глумците, професорите се работливи и си ја работат работата добро, тие живеат во комфорт, но типографите, ѕидарите, чевларите, сите физички работници, некои сиромашни учители и останатите умствени работници, се прегладнети до смрт, додека се скапуваат од работа. Не сакам да наметнам дека тоа е единствениот начин за освојување на природата, станување цивилизиран и добивање на поголема слобода и благосостојба. Докторите, инженерите, хемичарите и учителите се еднакво корисни во модерното општество со фармерите и другите физички работници.  Сакам само да кажам дека секоја корисна работа треба да биде еднакво ценета така што работникот може да најде еднакво задоволство во нивното работење, и исто така, интелектуалната работа, што претставува големо задоволство како таква, која овозможува надмоќ над тие кои остануваат во игнорирање и незнаење треба да биде ставена во домет на секој човек, а не само привилегија на неколку.


Вилијам: Но ако, како што кажа, интелектуалната работа е огромно задоволство и на тие кои ја работат им дава предност пред тие кои ја игнорираат, нормално дека секој би сакал да учи. Јас би сакал, исто како и секој.  И тогаш кој би ја работел физичката работа?


Џек: Сите, бидејќи додека студираат литература и наука, тие исто така треба да вршат физичка работа. Секој треба да работи и со главата и со рацете.Тие два типа на работа се меѓусебно зависни и неопходни. Бидејќи за да бидат здрави луѓето треба да ги вежбаат сите свои органи, како мускулите, така и мозокот. Тој, чија интелегенција е развиена и кој е навикнат да размислува е најдобар во физичка работа, и тој кој е здрав, како што се луѓето кои ги вежбаат нивните екстремитети во здрави услови, имаат поотворен ум и бистра глава. Покрај тоа, бидејќи и двата типа на работа се неопходни, а едниот е попријатен од другиот и му овозможил на човекот да се придобие со достоинство на само – почит, не треба само еден дел од човештвото да биде осудено на вчудовидувачки ефекти на исклучително тешка физичка работа, а привилегијата на наука, што означува моќ, да биде оставена само на неколку. Така да, ќе кажам пак, сите треба да работат во исто време како физички, така и интелектуално.


Вилијам: Го разбирам тоа, но има физичка работа која е тешка и физичка работа која е лесна, некоја е грда, а некоја убава. Кој би сакал да биде рудар, на пример, или чистач на улици?


Џек: Драг Вилијам, само ако знаеше какви изуми и истражувања се измислени секој ден, ќе сфатеше дека доколку организацијата на работата не зависеше од луѓето кои не работат, и последователно, не се грижат за удобноста на работниците, секоја физичка работа би се водела во согласност со условите кои ќе ја спречат од тоа да биде одбивна, нездрава и заморна. Така што, нема причина зашто би имало таква работа која нема да биде вршена од работници кои своеволно ја одбрале. И ако ова беше возможно денес, само замисли што би можело да се случи кога сите би имале работа. Учењата и напорите би биле насочени кон тоа да се направи работата полесна и попријатна. И покрај сé, ако сé уште има занаети потешки од другите, би можело да се организираат работите и да има одредени специјални предности и надополнувања за ваквите нееднаквости. Покрај тоа, кога луѓето работат заедно, за заедничка корист, меѓу нив може да се забележи ширење на истиот дух на братство и почитување кој се појавува кај семејниот живот во неговиот најдобар аспект. Така што, сите тие кои бараат повеќе од тоа да се спасат себе си од неволји, го избираат најтешкиот начин за преку тоа да одиграат голем удел во општеството.


Вилијам: Тоа е сосема точно, но ако не се случи токму така?


Џек: Па, покрај сето ова, сепак остануваат некои потребни работи кои никој не ги прави по свој избор, тогаш  секој од нас траба да ја преземе работата и да се справи со неа, секој правејќи по малку, работејќи на неа, на пример, еден ден месечно, една недела годишно, или нешто слично. Ако оваа работа е потребна за сите, тоа значи дека сите би биле подготвени да ја сработат.


Вилијам: Знаеш, ти си на пат да ме наговориш. Сепак постои една работа која сé уште не можам да ја сфатам. Голема работа е да се зема имотот од благородниците. Јас незнам, но не постои ли друга алтернатива што може да ја направите?


Џек: Како би го сторил тоа? Ако богатството останува во рацете на богатите, тогаш тие би ги следеле само нивните интереси, без да се интересираат за нашите, како што и всушност тие и прават од почетокот на сé. Но, зошто ти не би сакал да го земеш богатство од рацете на благородниците? Можеби ти сметаш дека тоа би било нефер и неисправно?


Вилијам: Не, не. После сé што ти ми кажа ми изгледа дека тоа е сосема исправно, но откинувајќи се од нив, тие земаат дел од нашите поразени тела, од кои што се хранат. Пoкрај тоа ние не го земаме нивното богатство за нас,туку го правиме заедничко за доброто на сите, нели?


Џек: Со сигурност. И ако од поблиску ја разгледаш оваа работа ќе видиш дека и благородниците ќе ги добијат своите делови. Тие ќе мора да се откажат од наредувањето, да го остават благодетот и безделничењето, тие ќе мораат да работат, и кога работата ќе биде свршена со помошта на работниците, ќе остане само една корисна, пријатна вежба . Зарем благородниците  не одат на лов во денешницава? Зарем тие не јаваат на грбот на коњите, зарем не вежбаат гимнастика и други вежби кои им овозможуваат да си ги засилат мускулите како неопходност и задоволство на еден здрав, добро нахранет човек?  Тогаш, прашање е само колку од нивната физичка енергија која денес ја користат чисто за забава ќе ја искористат за производство. И тогаш колку тие ќе добијат предност од општата благостостојба? Види, на пример, што гледаме пред нашите очи. Неколку благородници се богати и можат да глумат господари во нивните куќи, но како за нас, така и за нив улиците се нечисти и грозни, и гадниот воздух кој се шири од нашите колиби ги разболува и ослабнува. Со нивните приватни богатства тие не можат да ја подобрат целата држава – работа која може лесно да се направи, доколку сите би го правеле тоа, нели. Нашата сиромаштија континуирано лошо влијае врз нивните животи, дејствувајќи врз нив на милион начини, без да имаат страв од насилна револуција. Па гледаш дека им правиме добро со тоа што им го одземаме имотот, иако тие не го разбираат ова, и никогаш нема да го разберат, бидејќи сакаат да даваат наредби и мислат дека сиромашните се направени од поразлична глина од самите себе. Но што е важно? Колку повеќе не се согласуваат со нашите услови, толку полошо за нив, ние добро знаеме како да ги присилиме да го направат тоа.


Вилијам: Сето тоа е фер, но зарем не можат работите да бидат направени дел по дел? Со заеднички договор, на пример. Имотот може да им биде оставен на тие кои го имаат, но под услов тие да ги зголемат платите и да нè третираат како човечки суштества. Тогаш, постепено, ќе можеме да тргаме на страна по нешто, за и ние да можеме да си купиме малку земја, за, на крај, кога сите ние ќе бидеме сопственици на имоти, да ги направиме сите работи заеднички, како што ти велиш. Пред некое време слушнав едно момче да предлага нешто слично.



СЛЕДНА СТРАНИЦА >>