Џек: Слушај сега! Има само еден начин да дојдеме до пријателски услови, а тоа е сопствениците доброволно да се откажат од нивните имоти. Но знаеш, исто како и јас, дека тоа не е реално размислување. Сé додека постои приватен имот, додека земјата, наместо да им припаѓа на сите, им припаѓа на Петар или Павле, ќе има сиромаштија и работите ќе идат од лошо кон полошо. Со приватниот имот сите се обидуваат цело време да го искористат на сметка на нивната мелница. Работодавците, не само што се обидуваат да им даваат на работниците што помалку, тие секогаш и се борат меѓу себе. Генерално, сите се трудат да ги продадат продуктите за што повеќе, а секој купувач, се труди да плати што помалку. И тогаш што се случува? Сопствениците на имотот, производителите и големите трговци, кои можат да произведуваат и да продаваат на големо, се снабдуваат самите себе со машинерија, ги искористуваат сите поволни состојби на пазарот, чекаат до правиот момент за да продадат, па дури и по цена на губење на времето, за на крај малите сопственици и продавачи, и нивните деца, кои пропаѓаат во беда, да бидат приморани да работат секој ден за плата. Така, (тоа е нешто што го гледаме секој ден) луѓето кои работат на своја сметка сами, или со неколку придружници, по жестока битка се доведени до некоје срање –продавница, и се принудени да бараат работа во големи фабрики. Или пак, малите сопственици на земјиште кои не можат да обезбедат доволно капитал ни за земјоделство, а камо ли за плаќање на нивните даноци и десетоци, мораат да ги продаваат своите ниви и куќи на големите претприемачи, и така натаму. Ако некој добродушен работодавач навистина сака да ги подобри условите на неговите работници, тој може само да се стави во позиција да биде уништен од конкуренцијата.


Од друга страна, работниците се присилени од гладот да се натпреваруваат меѓу себе и бидејќи има повеќе работна рака од колку работа, тие постојано си го грабаат лебот од устата на другите. Не дека нема работа што треба да се работи, но во секој момент постои само одредено количество на пари кое што работодавачот би го исплаќал. Благодарение на оваа ситуација, напредокот сам по себе станува невозможен. Машината е измислена: веднаш голем број на луѓе се отфрлени од работа. Тие не можат да заработуваат ништо, така што тие не можат да консумираат како претходно, и така индиректно им влијаат на производството на храна на другите работници. Во Америка голем број на земјишта се искористени за одгледување на пченка, со што таа и многу повеќе се произведува. Сопствениците на земјиштата, се разбира без да испитаат дали сите во САД имаат доволно да јадат, го праќаат житото тука бидејќи може да добијат повеќе за него. Тука, цената на пченката е помала, но сиромашните не ја искористуваат предноста, бидејќи европските сопственици на земјата, оневозможени да се натпреваруваат со оваа евтиност, ја оставаат почвата необработена,(со одредени исклучоци на најпродуктивните делови) па така голем број на земјоделци ја губат нивната вработеност. Кога човек нема ни денар во неговиот џеб, тогаш ни евтиниот леб не е добар за него.


Вилијам: Ах, сега сфаќам! Слушнав дека нема да дозволат пченката да доаѓа од странство и мислев дека е нечесна работа да се држи храната надвор од државава. Мислев дека благородниците и фармерите меѓу нив сакаат да ги прегладнат луѓето. Но сега видов дека си имале нивни причини.


Џек: Не, не. Ако пченката не пристигне ќе биде многу лошо од друга гледна точка. Тогаш сопствениците и фармерите, немајќи конкуренција од надвор од која би се плашеле би ги продавале работите со цена која тие ја одбираат и...


Вилијам: Тогаш што треба да се направи?


Џек: Да се направи? Ти кажав и претходно! Сé треба да биде заедничко. И тогаш, колку е поголемо производството толку ќе биде подобро.


Вилијам: Но сега кажи ми, што би било кога би направиле договор со поседниците на имотите? Тие да придонесуваат земја и капитал, а ние работа, а целото производство да биде поделено меѓу нас и нив. Што велиш за ова?


Џек: Прво и основно, ако планираш да ги делите работите, најверојатно, твојот господар нема да сака да направи ништо од ваков тип и ќе бидеш принуден да ја користиш силата за да го натераш. Но во тој случај, зашто да ги делите работите на пола? Зошто да се содржиш во систем кој овозможува неправда и паразитизам и зошто да го продолжуваш зголемувањето на производството на таквиот систем? И понатаму, со кое право некој човек кој не работи ништо доаѓа и зема пола од тоа што го произведуваат работниците? Покрај тоа, како што ти кажав, не е само тоа дека пола од производството ќе оди кај работодавците, туку дека и крајната сума на производство ќе биде помала од колку што може да биде, бидејќи каде што имаш приватен имот и изолиран труд помалку се произведува од колку кога би се работело заедно. Исто е како да сакаш да помериш карпа: сто души не би успеале доколку би го правеле тоа одделно, но кога двајца или тројца би ги обединиле нивните напори, карпата би ја кренале лесно. Ако еден човек сака да направи игла, не знам дали би го завршил процесот дури и за саат време, а доколку десет луѓе го прават тоа заедно, би правеле по илјадници игли дневно. Економистите, од кои многу се скандалозно пристрасни кон класни предрасуди, често велат дека имотот не е резултат на одземањето на истиот од повисоката класа, туку на недостатокот на природни производи, кои, велат тие, би биле прилично недоволни кога би биле поделени помеѓу сите луѓе. Ова им овозможува на горе-напоменатите економисти и нивните ученици да заклучат дека сиромаштијата е неизбежна работа против која ни една мерка не може да се преземе. Не верувај на ни еден збор. Дури и на начинот на кој се организирани работите денес, продуктите на земјата и индустријата се доволни за да му овозможат на секој човек да живее во комфорт. И ако не е доволно обилно, тоа е вина на работодавците. Тие не мислат на ништо друго освен колку можат да заработат, и oдат толку далеку што уништуваат предмети или залудно ги трошат само колку да ја оддржат цената. Додека се преправаат дека природните богатства се недоволни, оставаат големи парчиња на необработена земја и огромен број на работници кои не прават ништо. Но, одговорот на одредени економски учења е: Дури и цела земја да биде обработена и изорана најинтелегентно што може, сепак продуктивната сила на земјата е ограничена, а зголемувањето на популацијата не е. Затоа секогаш ќе има некој одреден момент кога производството на прехранбени производи ќе стане фиксно, додека популацијата ќе продолжи недефинирано да расте, со што ќе продолжи да расте и гладот. Единствениот лек за социјални болести, тие заклучуваат, е дека сиромашните треба да имаат помалку деца. Не сум многу запознаен со правото на закуп, но сигурен сум дека тоа не е лекот за социјалните зла. Само треба да се погледне во земјите кои имаат многу земја за обработка, а недоволно население и ќе видите колку повеќе сиромаштија има од колку кај густо населените земји. Мораме да ја смениме нашата социјална организација и да почнеме да ја обработуваме целата земја, и тогаш, ако популацијата почне да расте пребрзо, тогаш можеме да го земеме тоа во предвид и да го поправиме. Но ајде да се вратиме на прашањето за споделување на продуктите помеѓу сопствениците на имотите и работниците. Тоа е систем кој функционирал во делови од Франција. Тоа сé yште постои во Тоскана, но постепено исчезнуваат бидејќи имотопоседниците согледуваат дека дневните наемници им плаќаат подобро. Во денешницава, со машините, науката и странското производство, господарите се приморани да ги обработуваат почвите во големи обеми и да вработуваат најмени работници, бидејќи ако не го прават тоа ќе бидат уништени од конкуренција. Ако денешниот систем продолжи, верувам дека имотот ќе биде се повеќе и повеќе сконцетриран во рацете на неколку, а работата на работниците намалена поради апсолутната мизерија на машините и брзите методи на производство. Ќе имаме неколку големи финансери и капиталисти – господари на светот, некој мал број на работници кои ќе работат на машините, одреден број на слуги и полиција која ќе чека да ги одбрани горенапоменатите „големи луѓе“. Масата ќе треба да умре од глад, или да живее од добротворни организации. Почетоците на поставеноста на работите во тој тип можат да се забележат и сега: малите имоти исчезнуваат, бројот на невработени се зголемува, а благородниците, од страв или од милост, организираат јавни кујни и поставуваат заеднички тезги за јадење. А ако луѓето не сакаат да бидат приморани да молат за леб од богатите филантропи или локалните одбори, како некогаш што правеле пред портите на манастирите, подобро да не губат време во придобивање на имоти и машинерија и работа на нивна сметка.


Вилијам: Но што би се случило кога владата би направила некои добри закони со кои би се присилиле богатите да не ги измачуваат сиромашните?


Џек: Истата, стара приказна Вилијам! Нели е владата составена од благородници, така што е малку неверојатно да прават закони против нив? Но, еве да претпоставиме дека сиромашните ќе успеат да ја добијат владеачката сила. Кое ќе биде нештото што ќе им забрани на богатите добивање на превласт повторно? Верувај ми, секогаш кога ќе има богати и сиромашни, гласовите на сиромашните можат да се слушнат во момент на излив, но секогаш, на крај, моќта е во рацете на богатите. Затоа ние мораме веднаш да го одземеме имотот од богатите, за да не ги постават работите така како што биле некогаш.


Вилијам: Разбирам. Мораме да имаме вистинска Република за да ги направиме сите луѓе еднакви, и тогаш, луѓето кои работат ќе јадат, а тие кои не прават ништо ќе останат со празни стомаци. Ах јас! Жалам што сум стар. Вие младите ги согледувате работите многу подобро.


Џек: Полека пријателе! Под зборот „Република“ мислиш на Социјалната Револуција, и за тие кои те разбираат сето тоа е многу добро. Но ти се изразуваш многу лошо, бидејќи под зборот Република не се подразбира она на кое ти се однесуваш. Сфати го многу добро во твојата глава тоа дека републиканската влада е влада иста како и сите други, само на местото на кралот имаш претседател и министри, кои всушност ја имаат истата сила. Го гледаме тоа многу јасно преку Каналот и дури и Франција да ја имаа демократската република ветувана од страна на нивните радикали не би било подобро. Наместо две комори, тие ќе имаа една, Домот на пратениците, но немаше ли повторно луѓето да бидат приморани да бидат војници и да работат цело време како робови, без разлика на сите ветувања на благородните пратеници? Не гледаш ли дека сé додека постојат богати и сиромашни, богатите ќе ја имаат силата? Без разлика дали живееме во Република или Монархија, резултатите на приватниот имот секогаш остануваат исти. Сé додека економските релации се регулирани од страна на конкуренцијата, имотот ќе остане сконцетриран во рацете на неколку, машините ќе ја одземаат работата на работниците и масата на луѓе ќе биде доведена до мизерија. Дали некоја од постоечките Републики ги подобрила условите на работничката класа?


Вилијам: Да расчистиме, јас од секогаш верував дека Републиката значи еднаквост!


Џек: Да, републиканците го велат тоа. „Во вистинска демократска Република“, велат тие,“ членовите на парламентот кои ги прават законите се избрани од целиот народ. Оттука, кога луѓето се незадоволни, тие избираат нови членови и сé се средува како што треба. И бидејќи сиромашните се мнозинство, практично се тие тие кои владеат.“ Тоа го велат републиканците, но вистината е нешто сосема различно. Самата сиромаштија ги тера сиромашните да бидат неупатени и суеверни, и тие ќе останат такви сé додека се економски зависни и не ги разоткријат нивните вистински интереси. Јас и ти што сме биле доволно среќни да заработиме повеќе од другите и да успееме да научиме нешто од нешто, можеме да имаме интелегенција за да разбереме каде лежат нашите интереси и сила за да ѝ се спротиставиме на одмаздата на работодавците, но големата маса никогаш нема да има прилика да го стори тоа во ваквите услови. Во време на Револуција еден храбар човек вреди колку повеќе кротки и со него влече број на луѓе кои, оставени сами на себе, не би имале енергија да се бунат. Но пред гласачката кутија карактерот и енергијата не вредат ништо. Важна е само бројката. И во денешната состојба на работите најголемиот број секогаш ќе бидат луѓе кои го имаат секојдневниот леб во нивни раце и можат да даваат или земаат на нивно задоволство. Не ти се случило да забележиш? Денес, поголем дел од избирачите се сиромашни, но колку често ги гледаш да одберат човек од нивна класа кој ќе ги претставува и брани нивните интереси?


Вилијам: Не, повеќето од нив не сакаат да ризикуваат да не го навредат сопственикот на имотот, свештеникот, или работодавецот. Ако го сторат тоа, тие ќе бидат исфрлени и истерани.


Џек: Не баш надежен изглед за придобивките од универзалното право на глас, нели? Народот секогаш ќе испраќа луѓе од средна класа во парламентот, а тие мајсторски ќе се потрудат да ги задржат нив што позависни и попокорни. Дури и кога би имале платени членови и сиромашните кога би ја искористиле предноста за да испратат луѓе од работничка класа да ги претставуваат, што би можеле да направат со толку корумпирани медиуми? Неколкуте што се обиделе да го сторат тоа не добиле баш добар углед во државите. Не! За време на наредната револуција, луѓето мораат да научат да не бидат заслепени, како што толку често и се, од страна на демократите и републиканците. Одново и одново, луѓето ќе потпаѓаат под ветувањата на Републиката, верувајќи дека тоа е најдобрата форма на организација и дека ќе функционира чудесно во нивната состојба. Нареден пат, тие не смеат да подлегнат на празни зборови, тие мораат одлучно да ги положат рацете врз имотот.


Вилијам: Во право си. Толку често бевме мамени. Крајно време е да ги отвориме очите. Но секогаш мора да постои влада, бидејќи кога не би имало никој кој би давал наредби, како би се одвивале работите тогаш?


Џек: И зашто мора да добиваме наредби? Зашто да не можеме да си ги водиме нашите работи сами? Тој кој владее секогаш се обидува да најде корист, и, без разлика, дали со или без таква умисла, го предава народот. Силата го прави дури и најдобриот човек лекомислен со гордост. Меѓу другото, тоа е и главната причина поради која не сакаме господари. Луѓето мораат да престанат да бидат водени како стадо. Тие мора да се научат да размислуваат, и да научат да го препознаваат нивното достоинство и сила. Ако луѓето се едуцирани и научени на слобода и управување на својата работа, тие мораат да бидат оставени да дејствуваат сами за себе и да се чувствуваат одговорни за нивното однесување. Тие можат често да прават грешки, но тие ќе ги согледаат последиците, и така, ќе разберат дека имаат одреден недостаток и ќе мораат да одат на друга патека. Друга работа, злото кое би го правеле луѓето кога би биле оставени сами на себе не би бил ни милионити дел од злото кое го прави владата. За едно дете да научи да оди тоа мора да биде оставено само да оди и да не му биде страв од неуспесите кои може да ги има.


Вилијам: Да, но пред детето да биде пуштено да оди, тоа мора да има сила во неговите нозе, а ако нема воопшто, тоа ќе мора да остане во рацете на мајка му.


Џек: Да, тоа е вистина. Но владите ни најмалку не се однесуваат како мајки. Не се тие оние кои ја подобруваат и градат нацијата. Всушност, социјалниот прогрес скоро секогаш е направен без нејзе. Дури по некогаш тој се случува како спротивност на идеите на владата. Повеќето влади најчесто ги поставуваат работите кои масата ги посакува во форма на закон, а со тоа се расипува нејзиниот дух на доминација и монопол. Народите се во различни стадиуми на развој, но без разлика во каква состојба на цивилизација се наоѓаат, па дури и на варварство, можат да си ги средат своите работи подобро од колку владите кои изникнуваат меѓу нив. Како што можам да сфатам, ти мислиш дека владата е составена од најинтелегентни и најспособни луѓе. Ништо такво. Општо земено владите се или директно, или индиректно тие кои имаат најмногу пари. И покрај тоа, употребата на сила ги уништува најдобрите духови. Стави ги најдобрите во владата и да видиме што ќе се случи. Тие веќе нема да ги разбираат потребите на луѓето, ќе бидат приморани да бидат зафатени со интересите креирани од страна на политиките, корумпирани од страна на отсуството на емулација и критика од тие со кои се социјално еднакви, и се пренасочени од сферата на акција за која се овластени, за да прават закони за кои претходно немале ни чуено. На крај, тие завршуваат сметајќи се себе си за посупериорни суштества, формирајќи општествен слој кој не ги слуша потребите на луѓето, и кој само од време на време ги подгледнува и замајува. Подобро, многу подобро за нас, е да си ги средуваме проблемите со тоа што ќе соработуваме со работниците од други занаети и други делови од земјата. И не само со тие од Англија и Европа, туку со работници од целиот свет бидејќи сите луѓе се браќа и имаат интерес во тоа да си помагаат едни на друг. Не мислиш така?


Вилијам: Да, во право си. Но што ќе правиме со лудите? Што ќе правиме со крадците?


Џек: За почеток, кога ќе нема повеќе имот и незнаење нема да бидеме многу вознемирени со таков тип на проблем. Но еве, да претпоставиме дека останале некои, дали е тоа причина да имаш влада и полиција? Зарем не можеме ние самите да ги вразумиме? Не со малтретирање – како што денес се малтретираат, туку со сместување во состојба во која нема да можат да му штетат никому, и да дадеме сé од себе за да ги вратиме на правиот пат.


Вилијам: Значи кога ќе имаме Социјализам, сите ќе бидат среќни и задоволни и ќе нема повеќе злоба, омраза, љубомора, проституција, војна, или неправда?


Џек: Не можам да кажам колку далеку може да стигне човековата среќа, но сигурен сум дека ќе биде многу подобро од сега. Знаеш, луѓето ќе се обидуваат да прават подобри работи и целиот постигнат прогрес ќе биде за доброто на сите, а не само неколку.


Вилијам: Но кога ќе се случи сето тоа? Јас сум стар човек, и сега кога знам дека светот не мора секогаш да биде ваков каков што е денес, не би сакал да умрам без да видам барем еден ден на правда.


Џек: Кога ќе се случи тоа? Не знам. Тоа зависи од нас. Колку повеќе им ги отвараме очите на луѓето, толку поскоро промената ќе дојде. Како и да е, треба да се напомене една работа. Добар напредок е веќе направен. Пред неколку години многу малку луѓе го проповедаа Социјализмот, и тие се сметаа за будали, луди, или паликуќи. Денес таа идеја ја разбираат многу. Тогаш, или сиромашните страдаа во тишина, или се бунеа но од кога ќе полудат од глад, незнаејќи ги причините и лековите на нивните грешки, и беа масакрирани, или приморани да се масакрираат едни со други. Денес, на секаде низ светот доаѓаат до заедничко разбирање, агитирање и бунење со идејата за свое ослободување од работодавците и владата. Тие не се потпираат на ништо друго освен на нивната сила, но барем почнаа да сфаќаат дека сите партии на кои се поделени нивните работодавци се подеднакво нивни непријатели. Па затоа, ајде ние активно да ги шириме нашите идеи сега кога моментот е најповолен. Ајде сите што го разбираме прашањето подобро, да се обединиме. Да го запалиме оганот кој тлее помеѓу масите. Да најдеме и добиеме полза од секое незадоволство, секоја нервоза, секој бунт. Да удриме додека железото е топло, без страв и двоумење. Тек тогаш сите ќе се изедначат со средната класа, и владеењето на благосостојбата ќе започне.


Вилијам: Супер! Но мора да ја пресметаме цената, бидејќи „одземи го имотот од работодавците“ е лесно да се каже, но тука се полицијата и војската. Сега кога дојде до тоа да размислувам, се плашам, бидејќи лисиците, мечовите и пушките се направени за да се заштити средната класа повеќе од било што друго.


Џек: Тоа е јасно како ден. Но ако владата на средната класа користи оружје против нас и се обиде да не задржи во ропство со нивниот барут и малинит, тогаш мора да им покажеме дека и ние можеме да ја играме истата игра со современи научни апарати за војување. Сиромашните се огромно мнозинство, и ако тие ги сфатат и почувствуваат предностите на Социјализмот, тогаш нема да има сила на земјата која ќе ги присили да останат таму каде што се. Земи во предвид дека сиромашните се тие кои работат и произведуваат сé. Само ако една голема секција од нив престанат да работат ќе има таква врева, таква паника, што револуцијата брзо ќе докаже дека е единствениот возможен излез. Можеш да бидеш сигурен дека револуцијата нема да биде ни половина толку тешка колку што делува на прв поглед. Многу суштинска работа е да се задржи идејата дека револуцијата е неопходна и цело време да се биде подготвен за нејзе. Ако го сториме тоа, несомнено на еден начин или друг шансите да се реагира спонтано ќе се зголемат.


Вилијам: Така ти велиш, а верувам дека си во право, но постојат и тие кои велат дека револуцијата нема да влијае добро и дека без нејзе работите полека ќе созреат. Што велиш ти на тоа?


Џек: Мораш да имаш во предвид дека од кога Социјализмот стана сериозна материја и средната класа почна навистина да се плаши од него, тие се трудат на било кој начин да ја свртат бурата на нивна страна и да ги мамат луѓето што повеќе. Сите луѓе, дури и владетелите, почнуваат да викаат дека се социјалисти, и ти оставам да претоставиш колку е тој „социјализам“ вреден. Дури и помеѓу нашите другари има предавници кои се искушени од вниманието на благородниците и предностите кои би можеле да ги добијат, па ја напуштат револуцијата и проповедаат правни мерки додека стапуваат во сојуз со политички партии кои, помалку или повеќе, велат дека се социјалистички. „Ние сме сите Социјалисти. Не!“ – како што кажа Харкурт во долниот дом. Таквите луѓе ги третираат револуционерите како будали, па дури и полошо. Некои од нив сé уште изјавуваат желба за револуција, но, истовремено многу повеќе сакаат да бидат партиски пратеници. Ако некој ти каже дека револуцијата не е потребна и почне да зборува за пратеници и избор на грофовски советници за обработка на заедничка цел на било која партија од средната класа, ако тој е човек од средна класа, или делува како да сака да стане еден, тогаш крени врева за тоа што го прави. Помеѓу тие промашени Социјалисти има некои кои со цела своја волја сакаат да прават добро и тие и веруваат дека прават. Но ако некој искрено верува дека ти прави добро, а всушност те претепува дур не станеш полумртов, прво и основно ти ќе размислуваш како да го тргнеш стапот од неговите раце. Најмногу што неговите „добри намери“ можат да направат е да те запрат, кога ќе го имаш ти стапот, од тоа да му ја скршиш главата со него.


Вилијам: Во право си! Но сакам нешто друго да те прашам. Кога кажуваш социјалисти, на што точно се однесува? Често ги слушам зборовите Социјалисти, Комунисти, Колективисти и Анархисти, а не знам повеќе ни од Адам што значат.


Џек: А, мило ми е што дојдовме до тоа. Нема подобро нешто од разјаснување на значењето на зборовите. Вака, Социјалистите се луѓе кои веруваат дека имотот е основна причина за сите социјални болести, и дека сé додека сиромаштијата не е уништена, ниту знаењето, ниту ропството, ниту политичката нееднаквост, ниту проституцијата, ниту пак било кое зло кое ги чува луѓето во такви одвратни услови ќе може да биде искоренето. Да не зборуваме пак за ужасните страдања кои произлегуваат од реалните потреби. Социјалистите веруваат дека сиромаштијата е резултат на фактот дека почвата,суровините, машините и сите алатки за работа припаѓаат на неколку индивидуалци кои се во можност да ги остранат животите на цела работничка класа, а се вклучени во постојана конкуренција и борба, не само со пролетерите (оние кои немаат ништо), туку и со самата средна класа, во борба за поседување на имот. Социјалистите веруваат дека со уништување на приватниот имот (причината), тие во исто време ќе ја уништат сиромаштијата (ефектот). Овој имот може и треба да биде укинат, бидејќи организацијата и распределбата на богатството треба да биде регулирано од вистинските интереси на човекот, без оглед на таканаречените „стекнати права“ кои средната класа ги присвојуваат за себе бидејќи нивните предци биле појаки, посреќни или поитри од другите луѓе. Сфаќаш дека името Социјалист ги опфаќа сите тие кои сметаат дека социјалното богатство треба да биде во корист на сите луѓе и дека не треба веќе да има сопственици на имот и пролетери, богати и сиромашни, работодавци и вработени.


Вилијам: Тогаш ти си Социјалист, тоа е сигурно. Но што значат зборовите „Комунист“ и „Колективист“?


Џек: Значи, и Комунистите и Колективистите се Социјалисти, но тие имаат различни идеи за тоа што треба да се направи од кога имотот ќе стане заеднички.
Колективистите викаат дека секој работник, или подобро кажано, секоја група на работници имаат право на суровини и алатки и дека секој човек е господар на продуктот на својот труд. Додека живее тој прави што сака со заработките, но кога ќе умре сé што тој тргал на страна се враќа назад во здружението. Неговите деца имаат право да работат и да уживаат во плодовите на сопствениот труд. Да се дозволи да наследат нешто би било прв чекор кон нееднаквост и привилегија. Во врска со наставата, едукацијата на децата, одржувањето на старите и немоќните, и општо јавните објекти, секое здружение на работници мора да ги снабдува потребите на неснабдените членови на заедницата.
Комунистите велат дека луѓето мора да се сакаат меѓу себе и дека еден треба да го гледа другиот како член на една фамилија, ако сакаат работите да се одвиваат добро. Имотот мора да биде заеднички. Работата, ако сакаш да биде најпродуктивна што може, припомогната со максималната употреба на машините, мора да биде вршена од страна на големи партии на работници. Ако сакаме максимално да ги искористиме сите типови на почва и атмосферска состојба, и во секоја област да произведеме она што во таа област може најдобро да се произведе, а од друга страна, ако сакаме да ја избегнеме конкуренцијата и омразата помеѓу различни држави, потребно е да се воспостави совршена солидарност помеѓу сите луѓе во светот. Затоа, наместо да се ризикува со креирање на конфузија во обидот да се оддалечат работите кои јас и ти ги правиме, ајде да работиме сите заедно и да ги направиме сите работи заеднички. На овој начин секој ќе допринесува за општеството толку колку што силите му дозволуваат сé додека не се произведе доволно за сите и така секој ќе зема сé што му треба, ограничувајќи ги своите потреби само во она во што нема доволно за секого.


Вилијам: Чекај, прво и основно, што подразбираш под солидарност? Кажуваш дека треба да има солидарност помеѓу луѓето, а не знам што значи.


Џек: Гледај сега, во твојата фамилија, на пример, сé што ти и твоите браќа, твојата жена и твоите деца заработувате е заедничко. Земате малку храна и ја јадете сите заедно, и ако нема доволно, сите си откинувате по малку. Ако некој е посреќен и добие повеќе од обично, тоа е добра работа за сите вас. Ако, во спротивно, некој од вас е болен или без работа, тоа е несреќа за сите вас. Со сигурност, и тој што не работи јаде исто колку сите вас, а оној кој е болен троши повеќе од било кој друг. Па, во твојата фамилија, наместо да се обидувате да ја одземете работата или лебот од другите, вие се трудите да соработувате бидејќи благодетот на еден од вас е и благодет на сите, а болеста на еден е и болест на сите. Така, љубомората и омразата се сочувани на страна и заемна љубов и приврзаност е развиена, која пак никогаш не би постоела во семејство во кое се поделени интересите. Тоа е она што се нарекува солидарност. Ние мораме да ги поставиме помеѓу човечкиот род истите односи кои постојат во вистински обединето семејство.


Вилијам: Разбирам. Но да се вратиме на тоа што го зборувавме. Кажи ми, ти си Колективиста или Комуниста?


Џек: Што се однесува до мене, јас сум Комуниста, бидејќи сметам дека ако луѓето се пријатели, тие не треба да бидат пријатели до пола. Колективизмот ги остава никулците на ривалство и омраза сé уште да постојат. Но јас одам понатаму. Дури и кога сите би живееле со она што самите го произведуваме, Колективизмот сепак би бил поинфериорен во споредба со Комунизмот, бидејќи би ги држел луѓето изолирани, со што би ги намалил нивната сила и нивните симпатии. Освен тоа, чевларот не може да ги јаде своите чевли, ниту пак ковачот да живее на железо, а исто така, ни земјоделецот нема да може да ја обработува почвата без работниците кои го припремаат железото и тие кои го обработуваат орудието, така што ќе биде неопходно да се организира размена помеѓу повеќето производители, одржувајќи сметка за секој од нив. Тогаш сигурно чевларот, на пример, ќе се обиде да ја крене цената на неговите чевли и да добие што може повеќе пари, додека земјоделецот, од своја страна, ќе се обиде да му даде што помалку. Како по ѓаволите ќе се справиме со ова? Колективизмот ми делува како систем кој ќе предизвика многу тешки проблеми и најверојатно ќе не доведе до забуна. Комунизмот, напротив, нема да доведе до појава на било какви проблеми. Ако сите работат, и сите уживаат во заедничката работа, единствено останува да видиме кои се работите потребни за да се задоволи секој и да се уредат работите така што продуктите ќе се произведуваат во изобилство.


Вилијам: Значи во Комунизмот парите нема да бидат потребни.


Џек: Ниту парите, ниту пак било што на нивно место. Ќе биде потребен само некој вид на дневник во кој ќе се води евиденција на што е потребно и што се произведува, за да може производството да се одржува на ниво на потребите. Единствениот сериозен проблем би бил кога повеќето би одбиле да работат. Но веќе ти ја кажав причината зашто работата, која денес е мачна, тогаш ќе се претвори во задоволство и, во исто време, морална обврска од која многу малце би сакале да се ослободат. Освен тоа, ако, како последица на лошото образование што го имаме денес, некои индивидуалци одбијат да работат кога новото општество ќе започне, тие ќе бидат оставени на страна од заедницата и ќе им бидат дадени само суровини и алатки. Тогаш, ако тие сакаат да јадат, ќе мораат да почнат да работат. Но во овој момент мора да сфатиме дека почвата, суровините, инструментите за работа, куќите и целото богатство мораат да бидат заеднички. А за методот на организација, луѓето ќе го одберат тој што го сакаат. Праксата само ќе им го покаже најдобриот систем. Лесно е да се предвиди дека во многу места ќе воспостават Колективизам, а во многу други Комунизам. Кога и двата ќе бидат поставени како такви, подобриот ќе се прилагоди на пошироко. Но, најбитна работа е тоа дека никој не треба да почне да им дава наредби на другите или да си ја присвојува почвата, или било какви инструменти за работа. Ќе биде неопходно да бидеме претпазливи, и ако постои таков обид, за да се спречи би користеле дури и сила. Другото сé си следува по природен пат.


Вилијам: И тоа го разбирам. Но кажи ми, што значи зборот Анархизам?


Џек: Анархија значи без власт. Веќе ти кажав дека владата не вреди за ништо друго освен да ја брани средната класа и дека кога се во прашање нашите интереси, најдоброто нешто што можеме да направиме е ние да се грижиме за нив. Наместо да избираме пратеници и државни советници да прават и поништуваат закони на кои ние ќе се покоруваме, ние ќе ги дискутираме нашите проблеми сами, и кога ќе биде потребно би пратиле некој за да ја пренесе нашата одлука, и ќе го замолиме да ја шири така, а не на друг начин. Ако нешто не може да се одлучи како што треба, тогаш би се повикале личности способни да го направат тоа, да го проучат истото и да ни соопштат што сметаат дека е подобро да се направи. Но во никој случај нема да правиме нешто без наша волја. И така, нашите делегати нема да бидат индивидуалци кому ќе им го дадеме правото да ни командаат и поставуваат закони над нас. Тие ќе бидат личности одбрани за нивниот капацитет, кои ќе немаат никаков авторитет и едноставно ќе ја имаат должноста за извршување на тоа што луѓето го одлучиле. На пример, некои ќе бидат задолжени да ги организираат школите, други да ги прават улиците, трети да ја пратат размената на продуктите, исто како што денес чевларот ги прави чевлите по нарачка.


Вилијам: Те молам објасни се подобро. Како јас, сирoмашен, неинформиран, стар другар ќе ја преземе работата што ја прават министри и пратеници?


Џек: А кое е тоа нешто што тие пратеници и министри го прават, а ти си неспособен да го направиш? Тие прават закони и ја организираат јавната сила за да ги оддржуваат луѓето доле, во интерес на имото – сопствениците. Тоа е сé. Тоа е вештина која нам не ни е потребна. Вистина, министрите и пратениците прават и корисни работи, но само за да ги претворат во профит на една класа и да го попречуваат напредокот со помош на бескорисни и досадни регулаторни чинови. На пример, благородниците градат железници, но зашто? Зарем инженерите, механичарите и работниците од секој тип не би биле доволни? И зарем локомотивите не би се движеле исто кога министрите, пратениците, акционерите и другите паразите би исчезнале? Исто е со поштата и телеграфската канцеларија, авионскиот сообраќај, болниците и сите работи вршени од страна на работниците, во кои владата се меша само за да направи штета. Политиката, како што ја разбираат политичарите, е комплицирана уметност за нас, бидејќи таа, всушност, нема никаква поврзаност со вистинските интереси на луѓето. Но ако нивната цел беше всушност да ги задоволат потребите на луѓето, тогаш таа ќе беше покомплицирана за пратениците отколку за нас. Што би можел еден пратеник кој живее во Лондон да знае за потребите на луѓето од руралната област? Како овие луѓе, кои во глобала го посветиле својот живот на учење грчки и латински, а кои сепак не ги знаат, можат да ги разберат интересите на секаквите занаети и индустрии? Работите би се одвивале многу различно ако секој се занимаваше себеси со тоа што го знае најдобро и ако ги констатираше потребите на своја сметка. Кога револуцијата ќе заземе место, ние ќе мора да почнеме од дното, така да се каже. Под влијание на пропагандата и ентузијазмот на времето, занаетите во секоја област, општина, или град ќе формираат здруженија. А кој може да го разбере подобро интересот за својот сопствен занает и свој сопствен локалитет од самиот ти? Потоа, кога ќе се посака неколку занаети или неколку општини да дојдат до заеднички договор, делегатите ќе ги пренесуваат желбите од тие кои ги испратле до специјалниот конгрес, и ќе дадат сé од себе да најдат компромис помеѓу различните потреби и желби. Но нивните одлуки секогаш ќе бидат ставени под контролата и одобрението на нивните доверители за да не биде занемарен интересот на луѓето. Така, постепено човековата раса ќе дојде до хармонија.


Вилијам: Но што би правеле ако во државата или здружението има некои кои имаат мислење различно од другите? Најголемиот број ќе ја имаат превласта, нели?


Џек: Не баш. Зошто кога станува збор за вистина и правда, бројките не покажуваат ништо. Еден може да биде во право наспроти сто, наспроти сто илјади, наспроти секој. Практично, мора да го направиме најдобро што можеме. Ако не можеме да добиеме едногласност, тие кои се согласуваат и се мнозинство ќе ја извршат нивната идеја, во лимитот на нивната победничка група, и ако искуството покаже дека се во право, нема сомнение дека тие ќе бидат имитирани. Ако не, тоа ќе биде доказ дека малцинството било во право и соодветно на тоа ќе биде преземена акција. Така, принципите на еднаквост и правда, на кои општеството треба да биде базирано нема да бидат нарушени. Но имај во предвид дека прашањата кои луѓето не можат да ги компромитираат ќе бидат малку во број и значение, бидејќи повеќе нема да постои поделбата на интереси како денес. Затоа, секој ќе биде слободен да ја одбере земја и здружение, односно, пријателите со кои што тој сака да живее. Исто така, работите кои ќе бидат одлучени ќе бидат работи кои секој може да ги разбере, кои повеќе би припаѓале во практичниот живот и позитивната наука отколку во доменот на теории со бесконечно различни мислења. Кога најдоброто решение од таков и таков проблем ќе биде усвоено, прашањето ќе биде како да ги убедиш луѓето со тоа што практично ќе им ја прикажеш работата, а не да ги скршиш под мнозинството на гласови. Зарем не би им се смеел на граѓаните денес кога би отвориле гласање за тоа која сезона е најдобра за сеење семе, кога таа работа е веќе усвоена во пракса? И ако таа не била комплетно средена, зарем ти би ја надоместил со гласање, наместо да ја совладаш преку искуството? Сите јавни и приватни работи ќе бидат обработени вака.


Вилијам: Но што ако некој од чист инает и тврдоглавост се спротистави на одлука направена во интерес на сите?


Џек: Тогаш, се разбира, ќе биде неопходно да се преземе насилна акција. Бидејќи е неправедно мнозинството да го притиска малцинството, а исто така и обратното. И ако малцинството има право да бунтува, тогаш и мнозинството ќе има право да се брани. Но не заборавај дека секој човек секаде има неспорно право на сите материјали и инструменти за работа. Иако е вистина дека ова решение не е целосно задоволително, индивидуалците отстранети од здруженијата ќе бидат лишени од многу социјални предности, без кои изолирана личност или група ќе мора да живее, бидејќи тие можат да бидат добиени само со соработка помеѓу голем број на луѓе. Тогаш што ќе имаат? Овие незадоволства не може да бараат желбите на другите да бидат жртвувани за нивно добро. Дадената солидарност, братство, меѓусебната помош, и, каде што е потребно, меѓусебното внимание и поддршка можат да ве убедат дека цивилна тиранија, или војна, нема да се издигне. Сите што сметаат поинаку тешко дека ќе станат господари на својата сопствена судбина пред да прифатат солидарност помеѓу сите нив. Бидејќи тиранијата и цивилната војна прават зло на сите, а солидарноста е единствената состојба во која нашите идеали ќе бидат реализирани и која ќе донесе мир, просперитет и универзална слобода. Имај исто така во предвид дека прогресот, кој секогаш ги обединува луѓето, исто така има тенденција да креира независност и самостојност. На пример, денес, за масовно да патуваш низ земјата, неопходно е да се користат железници, чија конструкција и работа бара колективен труд на многу личности. Затоа патникот сé уште, и во Анархија, ќе биде обврзан да се адаптира на прописите и регулациите кои мнозинството ги одбрало како најдобри. Ако, сепак, некој измисли локомотива која може да биде водена од еден човек на секоја улица, без опасност за себе или другите, тогаш тој нема да има потреба од тоа да се адаптира себе си на аранжманот на други луѓе, и секој би можел да патува каде и кога сака. Така стојат работите и со илјада други работи кои веќе се, или пак ќе бидат во иднина. Така што е јасно дека тенденцијата за прогрес е насочена кон односот помеѓу луѓето. Таа тенденција може да се дефинира со формулата: морална солидарност и материјална независност.


Вилијам: Значи тоа е тоа. Ти си социјалист, и конкретно кај социјалистите си одреден како комунист и анархист. Но слушнав исто така дека си и интернационалист. Што значи тоа?


Џек: Дали некогаш си слушнал за Меѓународното здружение на работниците? Пред околу триесет години се формираше големо здружение помеѓу работниците од сите цивилизирани држави, за заедно да ги решат проблемите кои работниците од секоја земја подеднакво ги страдаат поради експлоатацијата на имото-поседниците, и да дејствуваат заедно за да се доведат до универзална социјална револуција. Бидејќи, во секоја држава која го постигнала нашето ниво на цивилизација, работниците се експлоатирани на скоро ист начин, а владеачката класа е здружена меѓусебно за да ги задржи масите доле. Така, заедничкиот интерес на луѓето од сите земји е многу посилен од нивните национални разлики, и затоа, само со заедничко дејствување, исто како што дејствуваат нивните експлоататори, тие ќе можат да го отфрлат ропството на капитализмот. Меѓународното здружение на работниците повеќе не постои. Меѓутоа, големото работничко движење кое ги агитира (поттикнува, буцка) работниците се издигна од него. Исто како и социјалистичките партии во повеќето држави, особено Меѓународната социјалистичка анархистичка револуционерна партија, која денес е задолжена да го зададе смртниот удар на средната класа од општеството. Целта на оваа партија е да направи сé возможно за да ги шири принципите на анархистичкиот социјализам, да покаже колку е безнадежно да се угледуваш на своеволните отстапки за имото-поседниците или владата, или на постепените уставни реформи, да ја разбуди свеста кај луѓето за нивните права, да им го развие духот за револт и да ги убеди да направат социјална револуција, односно да ги уништат сите влади и да ги направат сите постоечки богатства заеднички. Секој кој ја прифаќа оваа програма и сака да се приклучи и да повика и други кои се стремат кон тоа, припаѓа на оваа партија. Оваа партија нема лидер, ниту авторитет. Оформена е комплетно спонтано и по пат на договор помеѓу тие кои се бореле за иста цел. Затоа, секоја индивидуа која припаѓа на партијата е комплетно слободна да влезе во блиска врска со тие што сака, да ги прави работите што мисли дека се најдобри, и да ги шири сопствените идеи на сопствен начин, сé додека, се разбира, не ја нарушува основната програма и тактики на партијата.


Вилијам: Тогаш дали сите кои ги прифаќаат социјалистичките, анархистичките и револуциенерните принципи се членови на оваа партија?


Џек: Не. Еден човек може комплетно да се сложува со нашата програма, но, заради различни причини да сака да дејствува сам, или со неколку други, без притоа да формира врски на ефективна солидарност и кооперација со тие кои ја прифаќаат програмата. Ова може да биде соодветно за одредени личности, или намени, но не може да биде генерален метод, бидејќи изолацијата предизвикува слабост, и креира антипатија и ривалство таму каде што, напротив, треба да има братство и единство. Сепак, ние ги сметаме за пријатели и другари, мажите и жените кои што се стремат кон истите идеи кон кои се стремиме и ние. Сепак, постојат луѓе кои што се убедени за вистинитоста на овие идеи, но сепак ги чуваат овие убедување за самите себе, не преземајќи ја обврската да го шират она во кое што веруваат. Никој не може да каже дека не се социјалисти и анархисти теоретски, бидејќи тие мислат исто како нас, но ако работите се така поставени тогаш или нивните убедувања се многу слаби, или тие имаат многу слаб дух. Кога некој човек приметува дека него и неговите пријатели ги мачи некој ужасен проблем, а тој верува дека го знае спасот, тогаш како тој би можел да остане неактивен? Ако воопшто има срце. Ако човек не ја знае вистината, тој не може да биде обвинет, но ако човек кој ја познава седи на страна и не прави ништо тогаш тој е бездушна кукавица.


Вилијам: Во право си. Ќе размислам сериозно за ова што го кажа. И кога конечно самиот себе ќе се убедам дека е тоа вистина, ќе се приклучам на оваа партија, и така, ќе дадам сé од себе за да ја ширам и понатаму оваа света вистина. А ако благороднците ме наречат никаквец, или пак будала, ќе им кажам дека кога ќе работат и се измачуваат како мене ќе имаат право да зборуваат.