Петар Манџуков


 Извадок од книгата: Историја на безвластничкото движење во Бугарија од Георги Хаџиев

 

/1879-1966/

Револуционер од значителна група на анархисти, учесници во македонското револуционерно ослободително движење, од којашто, поради недостиг на доволни биографски податоци ќе дадам само неколку дејци.


Петар Манџуков е македонец, роден во с. Мирково(с. Мирковци, заб. на прев.), Скопско, во 1879 година.


Иронија на судбината е можеби тоа што идниот силен револуционер и анархист се раѓа како внук на еден знаменит македонско-бугарски митрополит, Натанаил, најпрво избран како таков на Охрид, во 1873 г. и починал како Пловдивски митрополит во 1908 г. Угледен културен и национал-револуционерен деец, Натанаил откако организира две востанија, е принуден да емигрира во Бугарија и го посветува својот живот на исклучително благотворно дело: Со свои лични средства образува десетици идни културни дејци, меѓу кои е и неговиот внук Петар Манџуков, којшто го зема при себе. Го гледа од 3-годишна возраст до завршувањето на гимназизското образование и оддавањето на револуционерното дело.


Секогаш придружувајќи го вујко си, Манџуков живее извесно време во Ловеч (1887 г.). Во 1894-95 г. тој е јункер во военото училиште во Софија. Таму за прв пат учествува во патриотскиот кружок со Васил Главинов. Во есента 1895 г. е ученик во 5-ти гимназиски клас во Пловдив. Меѓу неговите соученици е и Михаил Герџиков. Заедно со него основаат еден од првите ученички кружоци во Бугарија. Во тој анархистички ккружок влегуваат уште и Стефан Михов од Пазарџик, Димитар Жечков и Владимир Икономов од Сливен, Борис Христов од Градец, Котелско, Гавраил Малев работник словослагател од Пловдив и др.


На 14-ти декември истата(1895) година Манџуков е исклучен, со право да се запише во друга гимназија. Престап: ја кажал молитвата „Оче наш“ на македонско наречје, кое што се протолкувало како пародија-исмејување. Стефан Михов и Михаил Герџиков протестираат и поради таа причина и тие се исклучени исто така. Во февруари 1896 г. тројцата се наоѓаат во Казанлашкото педагошко училиште, каде што се подготвуваат за испит. Нивните анархистички пројави и таму не престануваат. Во мај основаат анархистички кружок со околу 25 члена, меѓу кои се и Тодор Иванов и татко му од Казанлак, Ване Попконстантиев од Штип, Димо Николов, Григор Попдочев, Христо Мирчев, Славе Чешмеџиев, Мању Абаџиев, Димитар Гунев, Христо Ахчиев, Иван  Куленкоев и други, некои од нив се работници. Од јуни истата година живеат во потрошувачка „комуна“, во којашто учествуваат и жената, ќерката и двата сина на Ване Попконстантиев, а тој самиот е калапчија за чевли.


Манџуков успешно го положува испитот, но по наредба на тогашниот обвинител при окружниот суд во Стара Загора, иден премиер Никола Мушанов, тој е уапсен за анархистичка дејност и со телеграфска наредба е исклучен од училиштето. Истата судбина ја има и Михаил Герџиков. Манџуков се преместува и запишува во Ловското педагошко училиште  со дозвола да се појави на испит на крајот на годината. Така тој го завршува средното образование во 1898 г. Тој не останува мирен и во Лом, уште со неговото одење во тој град, основа друг кружок во есента 1896 г. Во тој кружок членуваат, покрај него, Мојсеј, Иван Праматаров од Елешница, Разлошко, Димитар Андрев од Софија, Иван Бошковиќ од Пирдоп, Димитар Тодоров од Плевен, Никола Блажев и Андреј Коцев од Ќустендил, Јордан Каранџулов, учител во с. Лабец, Ломско, Никола Каранџулов (и двајцата од Прилеп), Јордан Белчев, учител во Акчар, од Сливен, Коста Цачев од Тетевен, (Димитар Тодоров претходно бил член на анархистичката група во Плевен, основана од Јулиј Цезар - Розентал).


За потребите на групата во Лом, Манџуков ја преведува во 1897 г. од руски биографијата на Надсон и една брошура од популарни статии во анархистички дух. Воочливо е како анархистичките семиња се прскаат и се расејуваат во целата земја. Анархистички групи веќе имало во Разград, Русе, Плевен, Габрово, Казанлак, Пловдив. Тие одржувале врски меѓу себе. Средствата од споменатите брошури ја одржувале „комуната“, каква што се создала и во Лом. Со истите средства била потпомогната и една екскурзија во Унгарија и во Хрватска.


По завршувањето на средното образование, Манџуков заминува во 1898 г. да следи хемија во Женева. Таму тој учествува во „Женевскиот кружок“ и го редактира „Одмазда“, како и во „Тајниот македонски комитет“(Клон од истиот е создаден и во Пловдив со учеството на Димитар Аргиров, Иван Волковиќ, Александар Костов, Бојчев, Богамито, Лазар Силјанов – сите од Пловдив – Јордан Шурков од Велес. Клонот ја добивал литературата од Женевците.). Во тоа време Манџуков ги преведува од француски „Злосторствата на Бога“ од Себастијан Фор и „Говорот на Емил Анри“. Истите Манџуков ги дава на Гоце Делчев при неговото запознавање со него, во 1898 г. во Пловдив; последниот ги преиздава подоцна со средства на македонското движење.
Во истата 1898 г. Манџуков оди во Скопје и таму создава анархистички кружок за пропагандни потреби  за кој ја пишува брошурата „Азбука на анархистичкото учење“. По многу перипетии, тој е затворен, осуден на доживотен затвор, прави обид да се самоубие, а на 19 мај 1899 г. тој е во Софија. Веднаш го наоѓа Гоце Делчев и учествува во неговата чета, заедно со Славе Мерџанов и Петар Соколов.


Петар Манџуков учествува многу активно во македонското револуционерно движење, учествува во прокопувањето на Цариградскиот канал, во многу акции и во востанието во 1903 г. Животот му е подробно опишан, како и историјата на тој период од револуционерните борби во неговиот обемен труд од 1000 стр. На куцачка машина, кој во наш домен е сé уште неиздаден.[*]


После тој бурен период Манџуков работи во шумарството во Пловдив, потоа следи шумарството во Франција, како француски стипендист, и го завршува животот како пензионер во Пловдив, после долго извршување, со големи заслуги за нашето национално стопанство, професија на шумар.
Учеството на анархистите во македонското национално револуционерно ослободително движење внесува три значителни елементи, коишто даваат отпечаток на целото движење: масовна конспирација, социјален карактер и тероризам против странскиот капитал. Герџиков раскажува како ја правеле пропагандата меѓу населението, при посетувањето на селата. Наместо да собираат мали конспиративни групи и да им даваат упатства, тие го повикувале целото машко население на општи собири во црквите и говореле како за целите на движењето, така и за подготовката на востанието и вооружувањето. Така, јавно ангажирани, сите се чувствувале задолжени да чуваат строгата тајна, бидејќи при откривање сите ризикувале страшни последици. Така било посигурно дека тајната ќе се зачува.


Во пропагандата се зборувало не само за ослободување од турскиот јарем и не само за национално поробеното население, туку и за економското и социјалното ослободување на сите луѓе, вклучувајќи ги и самите бедни турци, експлоатирани од пашите, чорбаџиите, султанот и неговата администрација. Тие социјални и интернационалистички идеи постепено стануваат цел на целото движење.Турската империја била пред распаѓање и ако таа уште се крепела, тоа било главно, благодарение на странскиот капитал во земјата, кој имал интерес империјата да продолжи со постоењето. Поаѓајќи од таа констатација, анархистите настојувале да се спроведуваат терористички акции против странскиот капитал, за да создаваат несигурност за истиот. Тој нов елемент во тактиката на движењето исто така добива општ карактер. И најистакнатите водачи како Гоце Делчев ја восприемаат, препорачуваат и применуваат таа тактика. Тие три елементи внесени од анархистите ја карактеризираат дејноста на дејците, чии кратки биографски податоци ги даваме подолу.

* Петар Манџуков, Предвесници на бурата(спомени), 5 тома.