АНАРХИЗМОТ И НАСИЛСТВОТО

Ерико Малатеста

Сите знаат дека анархистите му се спротивставуваат на насилството. Основната програма на анархизмот е отстранувањето на насилството од меѓучовечките односи. Тоа е живот чија основа се состои од слободата на поединецот, без интервенција на полицаец. Заради таа причина, ние сме непријатели на капитализмот кој зависи од заштитата на полицаецот како би ги принудил работниците да дозволат да бидат експлоатирани - или дури и да станат невработени и да бидат гладни кога не е од интерес на нивните шефови да ги експлоатираат. Заради тоа ние сме непријатели на државата која е принудна и насилна организација на општеството.

Но, ако чесниот човек верува дека е глупо и варварски да се расправа со пендрек во раката и дека е неправедно и злобно некој да се присилува пред нишанот на пиштолот да ја слуша волјата на другиот, не е ли можеби логично да заклучиме дека тој господин има намера да допушти да биде претепан и потчинет на волјата на другиот без да прибегне кон екстремни начини во цел на својата одбрана?

Насилството е оправдано само кога е неминовно да се одбраниме себеси и другите од насилството. Тука прекинува нужноста, а започнува злосторството…

Робот е секогаш во положба на легитимна одбрана и, поради тоа, неговото насилство против шефот, против угнетувачот, секогаш морално е оправдано и треба да биде контролирано само со таквите проучувања со кои најдобро и најекономично се користи човековиот труд и човековото страдање. (1)

Сигурно е дека постојат други луѓе, странки и идеологии кои се мотивирани од општото добро исто онолку колку и најдобрите меѓу нас… Но, она што ги одвојува анархистите од сите останати е впрочем нивниот страв од насилството, нивната желба и намера да го отстранат физичкото насилство од меѓучовечките односи… Но, зошто тогаш, се поставува прашањето, анархистите во сегашната борба (против фашизмот) го подржуваат и користат насилството, кога тоа е во противречност со нивната изрична цел? Многу критичари, некои од нив добронамерни и сите оние кои не се такви, почнуваат да веруваат дека разликовната карактеристика на суштинскиот анархизам е насилството. Прашањето може да се чини незгодно, но на него може да се одговори во неколку зборови. Ако двајца луѓе живеат во мир, тие двајцата мораат да го сакаат мирот; ако еден од нив инсистира на употребата на сила за да го присили другиот да работи за него и да му служи, другиот, ако сака да си го сочува своето човечко достоинство и ако не сака да биде потчинет на бедното ропство, и покрај својата љубов кон мирот, ќе биде присилен да и се спротивстави на силата на совпаѓачки начини. (2)

Спрема последните анализирања, борбата против власта е физичка, материјална. Власта ги создава законите. Затоа таа мора да располага со материјална сила (полиција и војска) за да ги наметне законите, зошто инаку би ги слушале само оние кои тоа би го сакале и тоа веќе не би биле закони, туку едноставна група на предлози кои би можеле слободно да се прифатат или отфрлат. Власта, сепак, ја има таа моќ и ја користи низ законите како би ја зајакнала истата и со тоа и служи на интересите на владеачката класа угнетувајќи ги и експлоатирајќи работниците.

Единствената граница на опресијата на власта е моќта со која луѓето се покажуваат способни да и се спротивстават.

Судирот може да биде отворен или скриен; но тој секогаш ќе постои затоа што власта не обрнува внимание на незадоволството и умерениот отпор освен ако не е соочена со опасноста од бунт.

Кога луѓето понизно ќе му се потчинат на законот, или нивните барања се слаби и ограничени со зборови, државата внимава на својот интерес и ги игнорира потребите на луѓето; кога барањата се полни со живот, енергични, заканувачки, државата, во зависност од тоа дали е повеќе или помалку разумна, се повлекува или пак прибегнува кон репресија. Но, бунтот секогаш се враќа, зошто ако државата не се повлече, луѓето ќе завршат бунтувајќи се; а ако се повлече, луѓето добиваат доверба во самите себе и поднесуваат сè поголеми барања, сè до времето кога нездружливоста на слободата и авторитетот не стане јасна и насилната борба не биде загарантирана.

Заради тоа нужно е да се биде спремен, морално и материјално, за луѓето да можат победоносно да изникнат кога сето тоа ќе се случи. (3)

Нужно ќе мора оваа револуција да биде насилна, иако насилството само по себе е зло. Таа мора да биде насилна затоа што би било лудо да се надеваме дека привилегираните класи ќе ја препознаат неправдата на нивниот привилегиран статус и доброволно од него ќе се откажат. Таа мора да биде насилна затоа што преодното, револуционерно насилство е единствен начин да се стави крај на многу поголемото и непрекинато насилство кое го држи поголемиот дел од човештвото во ропство. (4)

Буржоазијата нема да дозволи да биде симната од власта без борба, и ќе мора да прибегне кон coup de force (насилство, сила – заб. на прев.), кон повреда на легалниот поредок на нелегален начин. (5)

Ние сме исто така многу несреќни заради оваа потреба од насилна борба.

Ние кои проповедаме љубов, и ние кои се бориме за општество во кое слогата и љубовта меѓу луѓето ќе бидат можни, страдаме многу повеќе отколку било кој заради нужноста со која сме соочени, против насилството на владеачката класа да мораме да се браниме со насилство. Сепак, да се откажеме од ослободувачкото насилство, кога тоа претставува единствен начин за завршувањето на секојдневните патења и свирепото крвопролевање кое го мачи човештвото, моментално би значело да ги дозволиме класните непријателства кои не ги одобруваме и злото кое од нив произлегува. (6)

Ние не настојуваме ништо да наметнеме со сила, ниту пак сакаме да се потчиниме кон насилното наметнување.

Имаме за намера да ја искористиме силата против власта, зошто силата е таа со која власта нè држи во подложност.

Имаме за намера да ги симнеме од власта оние кои поседуваат богатство, затоа што силата е таа со чија помош ги задржуваат суровините и богатството кое е плод на човечкиот труд, и истата таа ја користат како би можеле да ги присилат другите да работат за нивниот интерес.

Со сила ќе му се спротивставиме на секого кој со сила ќе сака да ги задржи или пак да ги поврати средствата за наметнување на својата волја и за експлоатирањето на работата на другите.

Ќе се спротивставиме со сила на секоја „диктатура” или „властодржец” кои ќе се обидат да им се наметнат на масите во бунтот. И ќе се бориме против републиката како што ќе се бориме и против монархијата, ако под република се подразбира држава која, на каков и да е начин дошла на власт, донесува закони и располага со војска и казнена моќ како би ги присилила луѓето да ѝ се потчинуваат.

Освен во овие случаи, во кои употребата на сила е оправдана како одбрана од сила, ние секогаш сме против насилството, а сме за самоопределување. (7)

Илјада пати повторив, верувам дека ако не се спротивствиме „активно”, примерно и на сите можни начини на теоријата на злото, тоа е апсурдно, затоа што тоа е противречно со целта на избегнувањето и уништувањето на злото, а во праксата е неморално, затоа што тоа преставува запоставување на човечката солидарност и должност која му се спротивставува за да ги брани слабите и угнетените. Мислам дека режимот кој е роден во насилство и кој продолжува да постои со помош на насилството, не може да се турне без соодветно и сразмерно насилство, и дека оној кој се потпира на законитоста кога угнетувачите можат да го сменат законот за да одговара на неговата корист, мора да биде или глупав или заведен. Но, верувам дека насилството, за нас кои тежнееме за мир меѓу луѓето, правда и слобода за сите, е незгодна нужност, кое мора да престане во моментот кога ќе се постигне ослободувањето - т.е. кога одбраната и сигурноста веќе не се под закана - или пак тоа ќе стане злосторство против човештвото и гласник на новата неправда и угнетувањето. (8)

Ние од принцип сме против насилството и заради таа причина сакаме општествената борба да се води на што е можно похуман начин. Но тоа не значи дека ние би сакале таа да биде помалку одредена, помалку бескомпромисна; ние навистина мислиме дека, на крајот, непотполноста само неограничено ќе го продолжи судирот, ќе го неутрализира и исто така ќе го поттикне новото насилство кое сакаме да биде избегнато. Ниту пак тоа значи дека правото на самодбрана го ограничуваме на отпорот против постоечкиот и надоаѓачкиот напад. За нас угнетените секогаш се во положба на легитимна одбрана и сосема е оправдан нивниот опстанок без да чекаат навистина да бидат запалени; и во потполност сме свесни дека понекогаш нападот е најдобрата одбрана…

Осветата, трајната омраза и свирепоста кон победените се разбирливи реакции и дури можат и да им се простат на оние на кои во жарот на борбата достоинството им било грубо повредено и чиишто најинтимни чувства биле обесчестени. Но да се простат свирепите нечовечките чувства и да се воздигнат до принципите, па дури и да се бранат како тактика на движењето, тоа е злобно и контрареволуционерно.

За нас револуцијата не смее да значи замена на еден тиранин со друг, доминација над другите со нашата доминација. Сакаме материјално и физичко издигнување на човекот; исчезнување на секоја разлика помеѓу победникот и победениот; искрено братство на целото човештво - без кои историјата би продолжила, како во минатото кон промената на угнетувањето и бунтувањето, под цената на вистинскиот напредок, и долгорочно, на штетата на сите, на победниците еднакво како и на победените. (9)

Совршено е јасно дека насилството е потребно за да му се спротивстави на насилството на непријателот, и ние мораме да го заговараме и да го подготвуваме, ако не сакаме постоечката ситуација на маскирано ропство, во кое поголем дел од човештвото се наоѓа, да продолжи и да се влоши. Но, насилството во себе ја содржи опасноста на трансформирањето на револуцијата во брутална борба без светлото на идеалите и без можноста од корисен исход; и од таа причина мора да се нагласат моралните цели на движењето, и потребата и должноста за задржувањето на насилството во внатрешноста на строгите граници на нужноста.

Не велиме дека насилството е добро кога го користиме ние, а дека е лошо кога го користат другите против нас. Велиме дека насилството е должност, дека е добро и „морално” и дека е можно да се оправда кога се користи за одбрана на себеси и на другите, а против барањата на оние кои веруваат во насилството; тоа е злобно и “неморално” ако служи за да ја прегази слободата на другите…

Ние не сме “пацифисти”, затоа што мирот не е можен ако не го сакаат двете страни.

Сметаме дека насилството е нужност и должност за одбрана, но само за одбрана. И не мислиме само за одбрана на директен, изненаден, физички напад, туку и од сите институции кои користат сила за да ги задржат луѓето во состојба на ропство.

Ние сме против фашизмот и би сакале тој да се ослаби со спротивставувањето на поголемо насилство од неговото. И, најважно од сè, ние сме против власта, која е трајно насилство. (10)

Според мене, ако е можно насилството да се оправда дури и надвор од потребата за самодбрана, тогаш можно е и да се оправда и кога тоа ќе се користи против нас, а тогаш не би имале основа за протест. (11)

Ние не нудиме решение за човечката неспособност, наведена како изговор, ставајќи се себеси на местото на претходните тирани. Само слободата или борбата за слобода може да биде училиште на слободата.

Но, ќе речете за да се започне револуцијата и за да се доведе до крајот, потребна е сила која исто така ќе биде и вооружена. А кој го порекнува тоа? Ако таа вооружена сила, или подобро кажано - многубројните револуционерни вооружени групи, ќе ја извршуваат револуционерната задача само ако служат за ослободување на луѓето и за спречувањето на повторното појавување на авторитативната власт. Но таа ќе биде оружје на реакцијата и ќе ги уништи своите сопствени достигнувања ако се покаже подготвена да биде искористена за наметнување на одреден вид општествена организација или програма на одредена партија. (12)

Револуцијата како насилна акција, според нужноста на работите, повеќе тежнее да го развие отколку да го отстрани духот на насилството. Но, револуцијата онаква каква ја разбираат анархистите, најмалку е насилна од сите и сака да го прекине сето насилство штом престане потребата од употреба на сила за да се спротивстави на употребата на сила на државата и буржоазијата.

Анархистите го препознаваат насилството само како начин на оправдана одбрана; и ако денеска го оправдуваат тоа е затоа што тврдат дека робовите секогаш се во положба на оправдана одбрана. Но анархистичкиот идеал е општеството во кое факторот на насилство е елиминиран, и нивниот идеал служи за да се заузди, исправи и уништи духот на осветата кој револуцијата, како физички акт, би тежнеела да го развие.

Во секој случај, решението никогаш не би била организација и зацврстување на насилството во рацете на власта или диктатурата, која не може да се темели на ништо друго освен на брутална сила и на признавањето на авторитетот на полицијата и војската. (13)

На анархистичкото движење му се заканува една заблуда, спротивна од онаа која ја предизвикуваат терористите. Дел од тоа се јавува како реакција на злоупотребата на насилството последните години, дел како резултат на опстанокот на христијанските идеи, и пред сè, како резултат на мистичните проповеди на Толстој, кои својата популарност и престиж и ги должат на генијалноста и високите морални квалитети на својот автор. Анархистите почнуваат озбилно да обрнуваат внимание на партијата на пасивен отпор, чие основно начело е тоа дека поединецот порадо мора да дозволи да го прогонуваат и да го презираат, отколку да му наштети на агресорот. Тоа е она што се вика пасивна анархија.

Бидејќи има такви кои, збунети со мојата несклоност кон бескорисното и штетно насилство, навестуваа дека сум ги открил тенденциите на толстоизмот, ќе ја искористам приликата да кажам дека оваа доктрина, по мое мислење, колку и да се чини возвишено алтруистична, впрочем е негација на инстинктот и општествените должности. Човекот може, ако е добар… христијанин, да ги трпи сите видови на провокации без да се брани со расположливото оружје, и понатаму да остане морален човек. Но, не би бил ли тој, во праксата, дури и несвесно, краен егоист ако би дозволил да прогонуваат други без да се обиде да ги одбрани? Ако, на пример, повеќе би сакал класата да биде доведена до мизерна беда, луѓето да бидат прегазени од грабачите, човечкиот живот и слободата да бидат малтретирани, отколку да го згмечи месото на тиранинот?

Може да има случаи кога пасивниот отпор е ефективно оружје, и тогаш очигледно би било и најдобро оружје, затоа што би било и најекономично огледало на човечките страдања.

Но многу почесто поучувањето на пасивниот отпор служи само како би можело повторно да ги осигура угнетувачите против нивниот страв од бунтување, и на тој начин ја издава благосостојбата на угнетените.

Интересно е да се забележи дека и терористите и толстоистите, затоа што и едните и другите се мистици, стигнуваат до практични резултати кои се повеќе или помалку слични. Првите не би се двоумеле да го уништат половината од човештвото додека не победи идејата; а вторите би биле подготвени порадо да дозволат целото човештво да остане под јаремот на големото страдање, отколку да го прекршат принципот.

Што се однесува до мене, јас би го прекршил секој принцип на светот за да го спасам човекот; што впрочем би било прашање за почитувањето на принципите, затоа што, по мое мислење, сите морални и социолошки принципи можат да се сведат на едно нешто: за доброто на човештвото, за доброто на целото човештво. (14)

Референци:

1)Уманита Нова; 25.8.1921

2) Пенсиеро е Волонта; 1.10.1924

3) Програма Анархико; Болоња, ?. 7.1920

4) Уманита Нова; 12.8.1920

5) Уманита Нова; 9.10.1921

6) Уманита Нова; 27.4.1920

7) Уманита Нова; 9.5.1920

8) Пенсиеро е Волонта; 16.4.1925

9) Феде! ; 28.9.1923

10) Уманита Нова; 21.9.1922

11) Ил Рисвеглио; 20.12.1922

12) Феде!; 25.11.1923

13) Уманита Нова; 18.7.1920

14) Анаркиа (Нумеро Унико); ?.8.1896