КАПИТАЛИСТИЧКИОТ СИСТЕМ

Михаил Бакунин

Зарем е непходно овде да се повторуваат непобитните аргументи на социјализмот кои до сега ниту еден буржоаски економист не успеал да ги собори? што претставуваат сопственоста и капиталот во нивните денешни облици? За капиталистот и земјопоседникот тие значат моќ и право, гарантирано од страна на државата, да живеат без работа. А затоа што ниту сопственоста, ниту пак капиталот не произведуваат ништо се дотогаш додека работата не ги оплоди - тоа за нив значи моќ и право да живеат експлоатирајќи ја работата на некој друг, право да ја експлоатираат работата на оние кои не поседуваат ни имот, ни капитал и кои се заради тоа присилени да ја продаваат својата продуктивна сила на среќните поседувачи на капиталот и имотите.

Можете да забележите дека заборавив во сето тоа да го вклучам и следново прашање: На кој начин имотите и капиталот дошле во рацете на нивните сегашни поседници? Тоа е прашање на кое, ако го поставиме историски, логички и од правни аспекти, не може да биде одговорено на ниту еден друг начин освен на оној кој би послужил како оптужба против денешните поседници. Заради тоа ќе се ограничам на изјавата дека земјопоседниците и капиталистите, заради тоа што не живеат од сопствената продуктивна работа и труд, туку од земање рента за земјата, куќата, камата за нивниот капитал, од шпекулацијата со земја, згради, капитал, од комерцијалната и индустриската експлоатација на мануелната работа на пролетаријатот - сите живеат на сметка на пролетаријатот. (Шпекулацијата и експлоатацијата несомнено претставуваат еден облик на работа, но непродуктивна работа).

Многу добро знам дека таквиот начин на живот е високо почитуван во сите цивилизирани земји, дека е посебно и грижливо чуван од страна на сите држави, како и тоа дека државите, религиите и сето право, кривично и граѓанско, и сите политички влади, монархии и републики - со своите огромни правни и полициски апарати и нивните постоечки армии -- немаат друга улога освен да ја утврдат и заштитат таквата пракса. Со самото постоење на така моќни и респектабилни авотритети јас себеси не можам дури ни да си дозволам да се прашам дали на тој начин на живот е легитимен од гледиштето на човечката правда, слобпда, човечката рамноправност и братство. Едноставно се прашувам: Дали во таквите услови рамноправноста и братството меѓу експлоататорите и експлоатираните се можни, дали се можни правдата и слободата за експлоатираните?

Да претпоставиме само на момент, како што тоа го поддржуваат буржоаските економисти и со нив сите адвокати, сите обожаватели и верници на судското право. сите свештеници на граѓанскиот и кривичен закон - само да претпоставиме дека тој економски однос е сосема легитимен, дека претставува неизбежна последица, дека е производ на вечниот, неуништив општествен закон, се уште би било вистинито дека експлоатацијата ги исклучува братството и рамноправноста. Не треба ни да се спомнува дека економската еднаквост е исклучена. Да претпоставиме дека јас сум ваш работник и дека Вие сте мој работодавец. Доколку ја понудам мојата работа за најниска цена, доколку се сложам со тоа Вие да живеете од мојата работа, тоа сигурно не е заради верноста или мојата братска љубов спрема Вас. Ниеден буржаски економист не можа да се осмели да рече дека тоа е така, па колку идилично и наивно да стане нивното резонирање ќе почнат да зборат за взаемната наклонетост и взаемните односи кои би требало да постојат помеѓу работодавците и вработените. Не, јас тоа го направив заради тоа што моето семејство и јас ќе умреме од глад ако не работам за работодавецот. Заради тоа јас сум присилен да ја пронајдам својата работа по најниска цена зошто сум присилен од заканата наречена глад.

Но велат економистите - земјопоседниците, капиталистите и работодавците исто така се присилени да ја бараат и изнајмуваат работата од пролетеријатот. Да, тоа е точно, тие се присилени да го прават тоа, но не во иста мера. Кога би постоела еднаквост помеѓу оние кои ја нудат својата работа и оние кои ја изнајмуваат, помеѓу неопходноста некој да го продаде својот труд у неопходноста од неговото купување, ропството и бедата на пролетеријатот не би постоеле. Но тогаш би немало ниту капиталисти, ниту земјопоседници, ниту пролетеријат, ниту богати, ниту сиромашни: би постоеле само работници. Точно поради тоа што таквата еднаквост не постои, ние имаме и обрзани сме да имаме експлоататори.

Таа еднаквост не постои, заради тоа што во модерното општество каде добрата се произведуваат со интервенција на капиталот кој ги плаќа дневниците за работата, порастот на популацијата го надраснува порастот на производството, што резултира понудата на работа да ја надрасне побарувачката и води кон релативен пад на нивото на дневница. Вака востановеното производство, монополизирано, експлоатирано од страна на буржаскиот капитал, присилено е, на една страна со взаемен натпревар на капиталистите да се сконцентрира во рацете на се помалиот број на моќни капиталисти или пак во рацете на акционерските компании кои, благодарејќи на соединувањето на својот капитал се помоќни од најголемите излориани капиталисти. (А малите и средните капиталисти, неспособни да произведуваат по иста цена како и големите капиталисти, природно подлегнуваат во таа борба на живот и смрт). Од другата страна, со истото натпреварување сите претпријатија се присилени да ги продаваат своите производи по најниска можна цена. Тој (капиталистичкиот монопол) може да го постигне двојниот резултат само со истиснувањето на постојаното нараснување на бројот на малите и средните експлоататори во светот на експлоатираниот пролетеријат, во исто време, цедејќи ги растечките штедни влогови од платите на споменатиот пролетеријат.

На друга страна, масата на пролетеријатот, која нараснува како резултат на општиот пораст на популацијата (кој, како што знаеме, дури ни бедате не може ефикасно да го запре, како и низ нараснувачката пролетеризација на ситната буржоазија, бившите поседници, капиталисти, трговци и индутријалци - нараснува, како што веќе спомнав во многу побрз степен одошто продуктивните капацитети на економијата која ја екплоатира буржоаскиот капитал - и таа растечка маса на пролетеријат е сместена во услови во кои работниците се присилени на поразено натпреварување на еден против друг.

Заради тоа што не поседуваат ниту едно друго средство за опстанок, освен сопствениот мануелен труд, тие се натерани со стравот да не ги замени некој друг, да го продаваат истиот по најниска можна цена. Таа тенденција кај работниците или попрво неопходноста на која се осудени со сопствената беда, комбинирана со тенденцијата на работодавците да ги продаваат производите на своите работници и заради тоа да го купуваат трудот по најниска можна цена, непрестано ја репродуцира и зацврстува сиромаштијата на пролетеријатот. Затоа што се наоѓе во сиромаштијата, работникот е присилен да го продава својот труд, а следствено со тоа тој тоне во уште поголема сиромаштија.

Да, во поголема беда, навистина! Поради тоа што во таа робовска работа, продуктивната сила на работникот бива злоупотребена, сурово експлоатирана, прекумерно забаталена и недоволно хранета, брзо бива и потрошена. А кога веќе еднаш е потрошена, која и е вредноста на пазарот, која е вредноста на таа единствена роба која ја поседува и од чија секојдневна продажба зависи неговата заработка за живот? Никоја! Па тогаш? Тогаш на работникот не му преостанува ништо освен да умре.

Што претставува, во одредена земја, најниската можна дневница? Тоа е онаа цена која пролетерите на таа земја ја сметаат како апсолутно неопходна за да се одржат во живот. Сите буржоаски економисти се сложуваат со тоа. Тургот, кој себеси се сметал за сходно да се нарекува „морален министер“ на Луј XVI и кој навистина бил искрен човек рекол: „Простиот работник кој не поседува ништо повеќе од своите раце, нема ништо друго да продаде освен својата работа и труд. Тој ја продава поскапо или поефтино; но, таа цена, било да е висока или ниска, не зависи од него; таа зависи од договорот со кој ќе ја плати неговата работа. Работодавецот плаќа што е можно помалку; кога може да одбира од голем број на работници, работодавецот го преферира оној кој работи ефтино. Така, работниците се присилени да ги снижат своите цени во натпреварувајќи се еден против друг. Во сите облици на работење неизбежно следи дека платата на работниците е ограничена на онолку колку што е потребно за опстанок“. (Reflexions sur la formation et la distribution des richesses)

Ж. Б. Сеј, вистинскиот татко на буржоаските економисти во Франција, исто така вели:

„Дневниците се многу поголеми кога постои поголема потреба за работа отколку што е понудата, а според ова, пониски се кога е понудена повеќе работа, а истата е барана помалку. Односот помеѓу понудата и побарувачката ја регулира цената на стоката наречена работна рака, како што се регулирани останатите јавни услуги. Кога дневниците малку ќе пораснат над цената неопходна да се издржуваат работничките семејства, нивните деца се размножуваат и поголемата понуда наскоро се равива во пропорција со поголемите барања. Обратно, кога побарувачката за работници е помала отколку квантитетот на луѓето кои нудат работа, нивните заработувачки опаѓаат на цена неопходна за класата да се одржи во ист број. Семејставата оптеретени со деца исчезнуваат; од тој момент понудата за работа опаѓа, а кога е понудено помалку стока, цената расте... На тој начин дневницата на работниците тешко ќе порасне или падне под цената неопходна да се одржи класата (работниците, пролетеријатот) во потребниот број“. (Cours somplet d`economie politique)

После цитатите на Тургот и Ж. Б. Сеј, Пјер Жосеф Прудин извикува:

„Кога цената ќе се спореди со вредноста (во вистинската социјална економија) таа е нешто есенцијално движечко, и заради тоа есенцијално променливо, и во своите варијации не е регулирана со ништо освен со конкуренцијата, а конкуренцијата, да не го заборавиме она во што Тургот и Ж. Б. Сеј се сложуваат, има неопходен ефект да не им дозволи на платите на работниците ништо освен голо спречување на смртта од глад и одржување на класата во потребен број“. (1)

Моменталната цена на основните потреби го востановува преовладувачкото постојано ниво над кое работничките дневници никогаш не можат да пораснат на подолг период, но под кое често паѓаат, што непрестано резултира со ништожност, болест и смрт, се додека доволен број на работници не исчезне како повторно би се изедначиле понудата и побарувачката на работа. Тоа што економистите го нарекуваат изедначена понуда и побарувачка не претставува вистинска еднаквост помеѓу оние кои го нидат својот труд на продажба и оние кои го изнајмуваат, Да претпоставиме дека мене, како на фабрикант, ми требаат стотина работници и на пазарот се појавуваат точно стотина рабоници - само стотина, бидејќи ако дојдат повеќе понудата ќе премине во побарувачка, што ќе резултира со намалување на дневниците. Но, затоа што се појавиле само стотина и затоа што мене како на фабрикант ми треба само таа бројка, ни повеќе - ни помалку, на прв поглед би требало да изгледа дека е постигната комплетна еднаквост; таа понуда и побарувачка се еднакви по број, а исто така би требало да се еднакви и во секој друг аспект. Дали тоа значи дека работниците можат од мене да бараат дневници и услови за работа кои им обезбедуваат вистински слободна, достоинствена, хумана егзистенција? Во никој случај! Доколку им ги обезбедам тие услови и тие дневници, јас, капиталистот, на тој начин нема да заработам ништо повеќе отколку тие. А зошто тогаш би се мачел и пропаѓал нудејќи им го профитот од мојот капитал? Доколку сакам да работам како што работат работниците, ќе го вложам својот капитал некаде на друго место, било каде што ќе можам да добијам најголем интерес, и ќе го понудам својот труд на продажба на некој капиталист како што тоа го прават и моите рабоници.

Доколку пак, профитирајќи со моќната иницијатива која ми ја обезбедува мојот капитал, ги запрашам моите работници да го оплодат тој капитал со својата работа, тоа не го правам заради моето сочувствување со нивните патења, ниту заради духот на праведност, ниту пак заради љубовта кон човештвото. Во никој случај капиталистите не се филантропи; тие би пропаднале доколку би биле филантропи. Тоа е заради тоа што јас се надевам дека од работата на работникот ќе извлечам поволен профит како би можел да живеам комфорно, дури и богато, додека во исто време со го зголемувам својот капитал - и сето тоа без мојата работа. Се разбира ќе мора и јас да работам, но мојата работа ќе биде од сосема друг вид и јас ќе бидам обесштетен во многу повисок степен отколку работниците. Тоа нема да биде продуктивна туку административна и експлоататорска работа.

Но, зарем административната работа не е продуктивна работа? Без сомнение дека е, бидејќи во недостаток на добра и интелигентна администрација мануелната работа не би произведувала ништо или би произведувала многу малку и многу неквалитетно. Но, од гледиштето на правдата и потребите на самото производство, воопшто не е потребно таа работа да биде во мој монопол, ниту пак, над се, јас да бидамкомпензиран во поголем степен отколку што е мануелниот труд. Кооперативните здруженија веќе докажаа дека работниците се сосема слободни да управуваат со индустриски претпријатија, дека тоа може да го работат работнички претставници кои примаат иста плата како и работниците. Затоа, доколку јас ја сконцентрирам административната власт во свои раце, тоа не е заради тоа што производството тоа го бара, туку мене да мис лужи за цел, целта на експлоатација. Како апсолутен шеф на персоналот јас за својата работа добовам 10 или 20 пати повеќе отколку што добиваат моите работници за својата работа и тоа е вистина и покрај фактот што мојата работа е неспоредливо безболна отколку нивната.

Но, капиталистот, сопственикот на работата, ризикува, велат тие, додека работникот ништо не ризикува. Тоа е точно, бидејќи кога гледаме од негова страна, работникот се наоѓа во неповолна положба. Сопственикот на работата може лошо да ја води работата, тој може да биде уништен со лоши договори или да стане жртва на социјална криза или некоја непредвидлива катастрофа; со еден збор може да пропадне. Тоа е точно. Но дали тоа пропагирање од буржоаска гледна точка значи да се биде сведен на исто ниво на беда како оние кои умираат од глад или дека ќе биде отеран во редовите на обичните работници? Тоа се случува толку ретко, може да се каже скоро и никогаш. Сепак е ретко капиталистот да не задржи нешто и покрај неговата пропаст. Во денешно време сите банкротирања се повеќе или помалку лажни. Доколку апсолутно не е ништо зачувано, тука се секогаш фамилијарните врски и општествените односи, кои со помош на научените работни вештини кои тие ги пренесуваат на своите деца им дозволуваат ним и на нивните деца да заземат позиција во повисоките рангови на работа, во управата; да бидат државни функционери, да бодат извршни органи во комерцијални или индустриски работи, да завршат, иако и самите зависни, како надгледувачи на приходот кои им го исплатувале на своите поранешни работници.

Ризикот на работникот е безгранично поголем. После се, доколку претпријатието во кое тој е вработен, банкротира, тој ќе остане неколку дена, а понекогаш и неколку недели, без работа, а тоа за него претставува пропаст, тоа е смрт зошто секој ден го јаде она што го заработува. Заштедите на работниците се детски бајки кои ги измислиле буржоаските економисти да го залулаат својот слаб осет за правда, покајание случајно разбудено во прегратките на нивната класа. Тој смешен и омразен мит никогаш нема да ги ублажи страдањата на работниците. Тој ја знае цената на задоволувањето на дневните потреби на неговото големо семејство. Доколку има заштеда, тој нема да допушти неговото кутро дете, од 6 години да му овене, да израсне слабо, да биде психички и морално убивано во фабриките, каде се присилени да работат дење и ноќе, 12 или 14 саати.

Ако некогаш се случи работникот малку да заштеди, тоа брзо ќе го изедат неизбежните периоди на невработеност кои често пати сурово ја прекинуваат неговата работа, како и непредвидени несреќи и болести кои ќе го затекнат неговото семејство. Несреќите и болестите кои ќе му се случат, го прават целиот ризик на работодавецот ништожен во споредба со тоа: бидејќи на работникот лошата болест може да му ја уништи неговата продуктивна способност, неговата работна сила. Над се, долгата болест е најстрашниот банкрот, банкрот кој за него и за неговите деца значи глад и смрт.

Знам многу добро дека во условите каде јас сум капиталистот на кого му се потребни 100 работници да му го оплодат капиталот, вработувајќи ги тие работници јас ги имам сите погодности на моја, а сите пречки на нивна страна. Јас им предлагам ни повеќе ни помалку туку да ги експлоатирам, а доколку тие сакаат јас да бидам искрен во тоа и ако ми ветат дека ќе ме чуваат, јас ќе им речам: „Видете деца, имам капитал кој сам по себе не може ништо да произведе, бидејќи мртвата работа ништо не произведува. Без работа немам ништо продуктивно. И како што бидува, јас немам корист доколку ја трошам непродуктивно, бидејќи трошејќи ја работата ќе останам без ништо. Но, благодарение на општествените и политичките институции кои владеат со нас и кои се во моја корист, во постоечката економија мојот капитал исто така е производител: тој ми носи интерес. Од кого тој интерес мора да биде земен - а мора од некого, бидејќи во стварноста тој сам не произведува апсолутно ништо - тоа не е ваша грижа. За вас е доволно да знаете дека тој носи интерес, Саниот тој интерес не е доволен да ги покрие моите трошоци. Јас не сум обичен човек како вас. Јас не можам да бидам, ниту пак сакам да сум задоволен со малку. Сакам да живеам, да се веселам во прекрасна куќа, добро да јадам и пијам, да се возам со фијакер, да одржувам добар изглед, накратко, да ги имам сите добри работи во животот. Исто така, сакам на своите деца да им дадам добро образование, да ги направам господа, да ги пратам на студии, а подоцна, кога ќе станат многу пообразовани од вас, тие еден ден ќе може да управуваат со вас како што јас управувам денес. А бидејчи самото образовение не е доволно, јас сакам да им оставам големо наследство, така што кога че го поделат ќе останат богати скоро колку и јас.

Затоа, покрај сите убави работи во животот кои сакам себеси да си ги дозволам, исто така сакам и да го зголемам својот капитал. Како ќе го постигнам тоа? Наоружан со тој капитал имам намера да ве експлоатирам и ви предлагам тоа да ми го дозволите. Вие ќе работите, а јас ќе го собирам, присвојувам и продавам за моја корист производот од вашата работа, не давајќи ви поголем дел одошто е апсолутно неопходно денеска да вер одржам да не умрете од глад, така што на крајот од утрешниот ден се уште ќе работите за мене под истите услови; а кога ќе бидете премалени, ќе ве исфрлам и ќе ве заменам со други. Добро запомнете, ќе ви дадам што помала плата и ќе ви наметнам така долг работен ден, така оштри работни услови, деспотски, што е можно полоши; не од зло - не од омраза спрема вас - ниту од намера вам да ви наштетам - туку од љубов кон добрите работи и за брзо да се збогатам; заради тоа што малку ве плаќам, а вие работите повеќе, повеќе јас ќе заработам“.

Тоа е она што преќутливо го вели секој капиталист, секој индустријалец, секој поседник на работа, секој работодавец кој бара работна сила од работникот кј го изнајмува.

Но, ако понудата и побарувачката се изедначени, зошто тогаш работниците ги прифаќаат условите од работодавците? Доколку капиталистот се наоѓа во онолку голема потреба да вработи работници исто колку и потребата на стотината работници кои чекаат тој да ги вработи, зарем тоа не значи дека двете страни се во еднаква позиција? Зарем не се сретнуваат на пазарот како два рамноправни трговци - барем од правна гледна точка - еден ја носи стоката наречена дневница, за да ја размени за дневната работа на работникот врз основа на одреден број саати на ден; а другиот ја носи својата ранота како своја стока, за да ја размени за надница која ја нуди капиталистот? Затоа што, во нашата претпоставка, побарувачката е за стотина работници, а понудата е исто така за стотина работници, може да изгледа деке двете страни се во иста позиција.

Се разбира дека ништо од тоа не е точно. Што е тоа што го доведува капиталистот на пазарот? Тоа е намерата да се збогати, да го зголеми својот капитал, да ги задоволи своите амбиции и општествени суети, како би бил во можност да им се оддаде на своите замисливи задоволства. А што го носи работникот на пазарот? Гладта, потребата да јаде денес и утре, Заради сето ова, еднакви од правна гледна точка на гледиште, капиталистот и работникот се се, само не еднакви од аспект на економската ситуација, која е и вистинската ситуација. На капиталистот не му се заканува гладта кога доаѓа на пазарот; тој многу добро знае дека доколку денес не ги најде работниците што ги бара, се уште ќе има храна за доста долго време, благодарение на капиталот на чијпто е среќен сопственик. Ако работниците кои ќе ги сретне на пазарот поднесат барања кои му изгледаат претерани, зошто, далеку од тоа дека ќе го оневозможат да го зголеми своето богатство и уште повеќе да ја поправи својата економска позиција, тие предлози и услови можат, не велам да ја изедначат, туку да ја доведат економската позиција на работниците донекаде поблиску до неговата - што прави во тој случај? Тој ги отфрла тие предлози и чека. После се, тој не е присилен да чека од итна потреба туку од желба да ја подобри својата положба, која во споредба со таа на работниците, веќе е прилично удобна, така да тој може и да чека. И тој ќе чека поучен од искуството дека отпорот на работниците, кои, не поседувајќи ниту капитал, ниту комфор, ниту било каква заштеда вредна за спомнувањем ќе биде потиснат од немилосрдната потреба, гладта, и дека тој отпор не можа да трае долго и дека на крајот ќе може да ги најде стотината работници кои ги бара - тогаш ќе бидат присилени да ги прифатат условите кои тој ги смета за профитабилни. Доколку го одбијат, ќе дојдат други кои ќе бидат пресреќни да ги прифатат тие услови. Така работите се одвиваат секојдневно со полно знаење и пред очите на секого.

Доколку пак како последица на одредените услови кои непрестано влијаат на пазарот, индустриската гранка во која капиталистот во почетокот планирал да го ангажира својот капитал, не ги понуди сите предности на кои се надевал, тогаш тој ќе го префрли својот капитал на друго место; така буржоаскиот капиталист не е врзан со природата на некоја одредена индустрија, туку тежнее кон тоа да инвестира (како што тоа го велат економистите, а ние би рекле експлоатира) рамномерно во сите можни индустрии. Да претпоставиме, конечно дека научувајќи од некој индустриска неспособност или несреќа, тој реши да не инвестира во ниедна индустрија; па, тогаш ќе купи акции и ануитети; и ако интересот и дивидендите му се причинат недоволни, тогаш ќе се ангажира во некоја работа, или ќе речеме, ќе ја продаде својата работа за одредено време, но под услови многу поповолни отколку тие што ги нудел на своите работници. Капиталистот тогаш доаѓа на пазарот во својство, ако не апсолутно слободен правител, барем како безгранично слободен правител отколку работник. Она што се случува на пазарот е средба помеѓу желбата за добивка и умирањето од глад, помеѓу господарот и робот. Правно, тие двајца се еднакви; но економски работникот е кмет на капиталистот, дури и пред да се заклучи пазарната трансакција по пат на која работникот на одредено време се продава себеси и својата слобода. Работникот е во позиција на кмет заради ужасната закан со глад која секојдневно виси над неговата и над главите на неговото семејство кое ќе го натера да прифати било какви услови наметнати со пресметки на капиталистот, индустријалецот, работодавецот.

Еднаш кога договорот е склучен, кметството на работниците се дуплира; или попрецизно кажано, пред да се склучи договорот, поттикнат од гладта, тој е само потенцијален кмет; откако договорот е склучен, тој станува вистински кмет. Зошто, каква стока му продава тој на работодавецот? Тоа е неговата работа, личните услуги, продуктивните сили на неговото тело, ум и дух кои тој ги поседува и кои се негов неодделив дел - тоа е тој самиот. Оттогаш па натаму, работодавецот ќе го надгледува, било да е директно или преку надгледувачот; секој ден за време на работните саати и под контролирани услови, работодавецот ќе биде сопственик на неговата работа и неговите движења. Кога ќе му се рече „работи ова“ работникот е должен тоа да го направи, или ако му се рече „оди таму“ тој мора да оди. Зарем тоа не е она што се вика кмет.

Господинот Карл Маркс, прочуениот водач на германскиот комунизам, прикладно забележал во своето величевствено дело Das Kapital(2), дека доколку договорот слободно се склучи меѓу трговците со пари - во облик на дневница - и трговците со сопствена работа - тоа значи, меѓу работодавците и работниците - каде истиот не се заклучува на одреден и ограничен временски период, туку за нечиј цел живот, сето тоа го востановува вистинското ропство. Склучен на одреден временски период, оставајќи му го на работникот правото да даде отказ кај работодавецот, тој договор претставува еден облик на доброволно и минливи кметство. Да, минливо и доброволно од правна гледна точка, но никако од страна на економските можности. Работникот секогаш има право да даде отказ кај работодавецот, но дали има средства за тоа? А доколку даде отказ, дали е тоа со намера да си обезбеди слободна егзистенција, во која нема да постои господар освен него! Не, тој го прави тоа со намера да се продаде на друг работодавец. Тој е натеран со истата онаа глад која го присилила да се продаде на првиот работодавец. Заради сето ова, работничката слобода, така возвишувана кај економистите, правниците и буржоаските републиканци, само е теоретска слобода на која и недостигаат средства за сопствена можна реализација и со самото тоа таа е само фиктивна слобода, потполна лага. Вистината е дека цеиот живот на работниците е непрекинато поразено наследство на разните облици на кметство - доброволно од правна гледна точка, но принудно од економска гледна точка - прекинато со моментални меѓуигри на слободата помешана со глад; со други зборови, тоа е ропство.

Тоа ропство секојдневно се манифестира на многу начини. Покрај вознемиреноста и угнетувачките услови на договорот кои го претвораат работникот во подреден, пасивен и послушен слуга, а работодавецот во скоро апсолутен господар - покрај сето тоа, добро е познато дека е тешко да постои индустриско претпријатие во кое сопственикот, притиснат на една страна од двостраниот иснтинкт на непопустливата желба за профит и апсолутна власт, а на друга страна, профитирајќи од економската зависност на работникот, не ги остава настрана договорените услови, а да не ги исцедува додатните отстапки во своја корист. Тогаш тој ќе побара повеќе саати работа, а тоа е повеќе отколку што е договорено во договорот; потоа ќе ја смали дневницата под некаков изговор; ќе си наметне произволни финеси или кон работниците ќе се однесува грубо нечовечки и дрско.

Но, некој може да каже дека во тој случај работникот ќе даде отказ. Тоа е полесно да се каже одошто да се направи. Понекогаш работникот добива дел од дневницата однапред или неговата жена или дете може да бидат болни или можеби таа работа е сиромашно платена во целата одредена индустрија. Другите работодавци можеби плаќаат дури и помалку отколку неговиот, па можеби после отказот нема да биде во можност да најде нова работа. А да остане без работа за него и за неговата фамилија значи смрт. Уште повеќе, постои разбирање меѓу сите работодавци и сите личат еден на друг. Сите се скоро подеднакво неподносливи, неправедни и груби. Дали е ова клевета? Не, тоа е во природата на работите и во логиката на потребата на односите кои постојат помеѓу работодавецот и неговите работници.

Забелешки:

(1) Затоа што ги немав при рака споменатите трудови, цитатите ги земав од "La Histiorie de la Revolution du 1848" од Луј Бланк. Господин Бланк продолжува со следниве зборови: „Бевме делимично предупредени. Сега знаеме, без да има место за сомнеж, дека судејќи по сите доктрини на старата политичка економија, дневниците не може да имаат никаква друга основа освен регулирањето помеѓу понудата и побарувачката, иако резултатот е тој дека надградувањето на работата е сведено на она што е строго неопходно за да не се умре од глад. Одлично, не правиме ништо друго освен што ги повторуваме зборовите на Адам Смит, предводникот на оваа школа, невнимателно изговорени во момент на искреност: „Тоа е мала утеха за поединците кои немаат други средства за опстанок освен својата работа““.

(2) "Das Kapital, kritik der politischen Oekonomie, Erster band", од Карл Маркс. Овој труд потребно е да биде преведен на француски, ако заради ништо друго, барем заради тоа што содржи анализа која така длабоко, така јасно, научно, пресудно и ако смеам така да се изразам, така беспоштедно го разоблучива формирањето на буржоаскиот капитал и системската груба експлоатација која капиталот продолжува да ја прави над работата на пролетеријатот. Единствена грешка на тој труд... позитивистички по определба, востановен на длабока студија на економски трудови, кој не признава никаква друга логика освен логиката на фактите - единствена грешка ем како што спомнав, тоа е што е напишан делумно, со само делумно, со прекумерен метафизички и апстрактен стил... што го прави тежок за објаснување и скоро недостапен на голем дел од работниците, а главно и работниците би требало да го читаат. Буржуите никогаш нема да го читаат, а ако го прочитаат, никогаш нема да сакаат да го разберат, а доколку и го разберат, никогаш нема да го коментираат; тој труд не е ништо друго освен смртна пресуда, научно мотивирана и неотповикливо изречена, не на нив како поединци, туку на нивната класа.